Македонија нема набавено серолошки тестови од кинеската компанија Биозек за јавното здравје, тврди за Телма, министерот за здравство Венко Филипче.
„Не, ние не сме купувале серолошки тестови во ниеден момент. Го снабдувавме Институтот за јавно здравје со тестови кои го анализираат вирусот, тоа се овие таканаречени PCR тестови. Но, имавме донации на серолошки тестови“, истакна Филипче.
На прашањето дали ќе се поведе истрага за лошите кинеските тестови кои се користеле во една приватна болница, а тоа беше обелоденето со меѓународно истражување на ИРЛ и ОЦЦРП, Филипче рече дека тоа е во рацете на инспекторатите и евентуално во Агенцијата за лекови МАЛМЕД.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова, во изјава за Телма рече дека тие немаат надлежност над увозот на тестовите, но имаат надлежност во контролата на лабораториите.
„ДСЗИ има ингеренции за дозвола за работа на лабораториите, контрола на простор, опрема и кадар, евиденција и овластувања кои се добиени од страна на министерот. Ова последното значи овластување на лаборатории кои можат да работат тестирања за ковид-19. Во однос на увоз на тестови, ДСЗИ нема никакви ингеренции“, посочи Бухова.