Филипче: Во 2021 година да имаме само убави вести како веста дека по полноќ се родиле две машки здрави бебиња

Министерот за здравство Венко Филипче утрово им ја честита на граѓаните новата година и посака во 2021 да има убави вести како веста од почетокот на годината, која доаѓа од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што по полноќ се родиле две здрави машки бебиња, а по нив и едно женско.

– Годината што измина, беше кризна година, каква што светот не памети во изминатите најмалку 100 години. Кризна година, еден голем предизвик, не само за здравствениот, туку и за економскиот и социјалниот систем. Година во која граѓаните покажаа и докажаа што значи да се има верба во институциите и благодарение на таа верба и почитувањето на мерките, сега има стабилна епидемиолошка ситуација, се помал број на новозаразени од коронавирусот. Болниците се празнат и посакувам овој тренд да продолжи и понатаму, истакна министерот Филипче.

Тој им се заблагодари на граѓаните за вербата во институциите, за нивното трпение и почитувањето на сите превентивни мерки.

– Оваа година, беше година во која здравствените работници покажаа како се работи професионално, посветено, со брз систем на реорганизација и не дозволија ниту еден пациент да остане без болнички третман. Сите заболени од Ковид-19 беа навремено згрижени и третирани, подвлече Филипче.

Тој рече дека сме на прагот на имунизацијата и дека од СЗО нашата држава била оценета како една од најподготвените во Европа.

– Верувам дека со вакцината ќе се стави крај на пандемијата насекаде во светот, рече Филипче.

Директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство е Викторија Јовановска им ја честита Новата година на сите граѓани и соопшти дека по полноќ се родени две машки здрави бебиња.

-Оваа година мислам дека ќе биде многу поуспешна, рече Јовановска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e