Ветувањето на премиерот Христијан Мицкоски дека Македонија ќе покаже пред Европската Унија дека ќе биде најдобриот ученик и дека ќе работи на реформите во земјата, немаат допирна точка со реалноста. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата „Само интервју” на Канал 5.
Според Филипче, легитимно е Владата да има желба да биде најдобриот ученик, но како што потенцира, за сега на секое поле и по сите предмети има само единици.
„Ајде да видиме по кои предмети. Луѓето сакаат систем. Има ли систем во платите? Ајде да го тргнеме прашањето со Бугарија малку, затоа што луѓето живеат секојдневие. Има ли раст на платите?”, праша Филипче.
Тој потенцираше дека нема раст ниту на минималната, ниту на просечната плата и доколку постоело волја кај Владата, ќе направеле законски измени со кои ќе се овозможи раст на платите како во времето додека на власт беше СДСМ кога постоеше систем за раст на минималната плата.
„Ние ја зголемивме од 8 илјади денари, неколку пати се зголеми. Сега е 24.000 денари, минималната плата. Дали е доволно? Дали е законот бетон и не може да се смени? Не, треба да се менува согласно потребите на луѓето. Дали има инфлација поголема, не просечната и споредено со минатата година? Има. Дали трошоците за живот пораснаа? Да. 20% пораснаа. Инфлацијата е поголема од растот на БДП”, истакна Филипче.
Тој потсети дека СДСМ предупредуваше дека линеарното зголемување на пензиите може да го доведе пензискиот фонд и неговата стабилност во ризик.
„Владата не слушаше. Го предложивме нашиот систем да биде врзан со растот на просечната и минималната плата, не послушаа. Линеарно ги зголемија пензиите и сега нивните функционери викаат, пензискиот фонд е во ризик”, рече Филипче.
Да се пратеше системот за раст на пензиите, што ќе изнесуваше отприлика исто како двапати линеарно зголемување, дефицитот во Фондот немаше да биде толку голем и немаше да биде Фондот во ризик, појасни Филипче.