Филипче: Следат промени, ние сме единствената политичка сила која што може да и парира на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, потврди дека наскоро ќе следат промени во раководството и дел од политиките на партијата, но нагласи дека идеолошките принципи на социјалдемократите остануваат непроменети.

На денешната прес-конференција во партиското седиште, Филипче истакна дека опозициската платформа ќе се прошири и ќе биде отворена за сите граѓански организации и политички субјекти кои сакаат да придонесат кон заедничка стратегија против власта.

Сметам дека ние сме единствената политичка сила која што може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ. Потребен ни е поширок, посилен и поорганизиран фронт. Тоа е еден дел од лекциите кои ги научивме од локалните избори и сум сигурен дека тоа ќе го спроведеме во периодот кој што претстои, изјави Филипче.

Тој додаде дека во партијата засега нема нови оставки, и дека се работи на комплетирање на тимот по претходно поднесените оставки на дел од членовите на раководството.

Ја разбирам негативната емоција. Сметам дека се должи на неисполнети очекувања во очи на изборите и ги разбирам луѓето. Сметам дека кога емоциите ќе спласнат, ќе може да се дебатира поразумно и пофер и поотворено бидејќи сите се потребни во партијата. Не сакам да се брзам со процесот, но навремено ќе информираме, изјави претседателот на СДСМ.

Со ова, Филипче најави период на консолидација и отворање на партијата кон поширока соработка, како дел од стратегијата за зајакнување на опозицискиот блок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e