Филипче: Со поскапувањата, ниту 600 евра не се доволно да се надмине кризата

Ниту 600 евра сега не се доволно за граѓаните да ја надминат оваа криза, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „Топ-тема“ на телевизијата „Телма“. Филипче укажа дека од сегашните ценовни шокови особено се погодени социјално ранливите категории граѓани, најниско платените работници, пензионерите со најниски пензии, многудетните семејства, се вели во соопштението на СДСМ.

„Треба да се најде механизам да им се помогне на граѓаните. 400 евра беше ниска минимална плата, граѓаните не можеа крај со крај да врзат и пред кризата да почне и пред да се зголеми за 34 % литар гориво, а не па сега, сега ни 600 евра не се доволно да се надмине кризата. Граѓаните сакаат да видат дека Владата води грижа за нив, чекаат мерки, а не измислување изговори“, рече Филипче.

Притоа Филипче посочи дека уште кога СДСМ го даде предлогот за 600 евра минимална плата, јасно кажа од каде треба да се обезбедат средствата, од кои буџетски ставки да се крати.

„Кога го дадовме предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра, кажавме од каде треба да се земат пари. Точно кажавме од кои ставки треба да се скрати, тоа се две ставки, кои се однесуваат само на луксузирањето на оваа Влада за да се зголеми платата и ја направивме пресметката. Има две ставки во буџетот од кои може да се намалат пари за да се зголеми минималната плата“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ, обвини дека демократските столбови на државата се минирани од актуелната власт, која има целосна контрола над судството и Обвинителството, а роднини и пријатели се поставуваат на клучни позиции како обвинители и судии.

„Нашите предлози никој не ги прифаќал од власта. Таква е ситуацијата во парламентот. Се поставува прашањето како треба да се однесува една ваква власт, која има огромно мнозинство во парламентот. Дали треба да се партизира сè по секоја основа? Првите работи што ги направија беа да ги сменат независните комисии со промена на некои закони. Има млитава Комисија за спречување корупција, сега има најава за поставување луѓе блиски лично до премиерот, како директор на МРТВ. Имаме резолуции во парламентот, кои го ограничуваат она што позицијата може да го зборува. Замислете како демократските основни столбови во државата се практично минирани од оваа власт, која нема друго објаснување, освен дека има апсолутистички манири на владеење“, додаде Филипче.

Тој нагласи дека процесот на партизација се одвива континуирано откога ДПМНЕ е на власт.

„Тоа беше уште во 2024 година. Ги партизираат сите институции, поставуваат несоодветни луѓе на највисоките позиции во безбедносните служби, со сомнителни сертификати, злоупотребуваат механизми на полицијата. За време на изборите во 2025 година видовме целосна партизација на институциите, неспроведување на реформите во ниеден сектор, а во некои сектори делумно, и тоа не по препораките на Европската Унија“, појасни Филипче.

Филипче укажа на економската и стратешката корист од членството во Европската Унија, потенцирајќи дека членството во ЕУ носи пристап до европски фондови и до 40 милијарди евра.

„Во кој сектор, во која сфера има прогрес кај нас? Има ли раст на платите, се гради ли инфраструктура, зајакнува ли правосудството, образованието, здравството, социјалниот систем? Земјите што се членки, како Шпанија и Романија, се трансформирале со европските фондови. Романија, од почетокот на преговорите, добила неповратни грантови од 100 милиони евра, а ние можеме да добиеме и до 40 милијарди евра со членството,“ рече Филипче на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма.

Тој посочи дека од 2013 до 2024 година, помошта за западниот Балкан била приближно 6 милијарди евра, додека Бугарија и Хрватска обезбедиле по 40 милијарди неповратни средства за инфраструктурни и реформски проекти.

„Тоа е бенефитот. Кај сакаат нашите луѓе да живеат , сигурно не сакаат да живеат во земја којашто е на периферија на Европа слепо црево на Балканот под влијание на Унгарија и на Србија. Не сакаат луѓето и треба на престане, премиерот и власта да ја замајуваат јавноста со овие чекори коишто се на маса загрозен е националниот идентитет. Тоа не е вистина. Ние може да стравуваме дека со таков ризик ќе се соочиме во иднина од страна на Бугарија, ама ако седиме сите на маса. ако ги правиме реформите како што треба тогаш никој никогаш нема да може да не запре за ништо, посочи Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e