Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчерашното гостување на Канал 5 зборуваше за реалноста со која се соочуваат граѓаните под власта на ВМРО-ДПМНЕ и за штетните политики кои директно го влошуваат животот на сите.
„Граѓаните чувствуваат како живеат во изминатата година дена, полошо од тоа што беше претходно. Намалена е куповната моќ, инфлацијата е зголемена, нема раст на платите, пензискиот систем е доведен во ризик и тоа според официјални лица во Владата,“ рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ уште пред една година предупредувал дека линеарното зголемување на пензиите ќе го стави фондот во дефицит и ќе ја загрози иднината на пензионерите. „Предупредувавме дека не треба да има линеарно зголемување, ако продолжиме со нашиот систем практично истите пари ќе ги земеа пензионерите, меѓутоа дефицитот во пензискиот фонд ќе се намалеше,“ истакна Филипче.
Во однос на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Филипче оцени дека не постои систем кој создава подобар живот за граѓаните, туку напротив, се гледа само продолжение на штетните практики од времето на Груевски.
„Не гледаат луѓето и граѓаните дека било каков систем се воспоставува. Што се гледа? Гледаат практично продолжение на тоа што како систем го воспостави Никола Груевски во неговото владеење во 2016 година, а сега ова ВМРО-ДПМНЕ практично тоа го продолжува,“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека сегашната влада не носи никакви реформи, туку само манипулативни кампањи и поделби меѓу граѓаните. „Сметам дека оваа влада практично владее на истиот начин како што тогаш владееја. Нема реформи има само кампањи за да ја сменат перцепцијата на граѓаните, да прикажат едно светло коешто практично не постои, да го разубават животот за граѓаните, а тоа граѓаните го гледаат,“ истакна Филипче.
„Сметам дека тоа е еден систем којшто е популистички начин на владеење — да се поделат граѓаните на патриоти и предавници и конечно ништо да не се случува,“ додаде тој.