Како и сите респираторни вируси и за овој предвидувањата се дека во летните месеци можеби ќе исчезне, но апсолутно не е исклучено повторно да се појави на есен. Би било комплетно несериозно и медицински неоправдано ако не го прифатиме фактот за можниот втор бран, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за порталот Независен.
Тој најавува дека здравствениот систем во земјава паралелно со подготовките за тој втор бран, постепено ќе се враќа во нормален тек, бидејќи редовните здравствени услуги мора да им бидат достапна сите граѓани.
Негова оценка е дека земјава и системот добро се справиле со првиот налет на вирус, благодарение на искуството и експертизата на нашите епидемиолози, вирусолози, инфектолози и целокупниот медицински персонал.
„Нам не ни се случија црните сценарија со кои се соочија некои земји, во смисла на преоптовареност на здравствениот систем. Ние го оптмизиравме здравството и од аспект на капацитети и од аспект на персонал. Имајќи го сегашното искуство паралелно работиме на подготовка на целиот задравствен систем за евентуален втор бран“, вели Филипче во интервјуто.
На прашање колку ќе ја чини државата овој напор да се смири епидемијата со што помалку жртви и заразени, Филипче вели дека проценки ќе се прават кога сето ова ќе биде зад нас.
„Битката со ковид-19 не е завршена. Точно е дека бележиме стабилизација на состојбата според анализите на Комисијата за заразни болести направени врз основа на параметрите на СЗО. Според сегашниот тренд, во периодот кој претстои, односно следните месеци, се очекува и понатамошна стабилизација на ширење на вирусот. Но, треба да сме свесни дека сите меѓународни студии упатуваат на тоа дека целосно исчезнување на вирусот е тешко да се очекува. Иако верувам дека Министерството за финансии и сега има некои проекции за средствата кои се вложени во мерките за спречување на ширење на корона вирусот, сметам дека целосната и точна проценка колку државата ја чини оваа здравствена криза може да се направи тогаш кога сето ова ќе биде зад нас. Треба да се сумираат сите податоци за да имаме прецизна слика колку чини справувањето со корона вирусот“, вели Филипче.