Минималната плата во Албанија од следната година ќе биде 500 евра, во Србија ќе порасне на 550 евра, а во Македонија граѓаните сè уште едвај преживуваат – ова го истакна Венко Филипче на брифингот со новинарите, предупредувајќи дека власта ги оставила граѓаните сами во борбата со поскапувањата.
„Само кај нас граѓаните остануваат заглавени во сиромаштија поради политиките на оваа влада. Сите околни земји преземаат мерки, само кај нас стандардот оди надолу“, рече Филипче.
Тој ја обвини Владата дека нема ниту капацитет, ниту волја да интервенира во цените и да го заштити животниот стандард.
„Жалам што вчера премиерот кажа дека нема да се интервенира во цените на производите, вклучувајќи ги и основните прехранбени продукти. Практично потврди дека нема намера да им излезе во пресрет на реалните потреби на граѓаните“, истакна Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ целосно ги напуштила граѓаните и избрала да ги штити само блиските бизнисмени.
„Оставија инфлацијата да ги срози платите, дозволија цените да дивеат. Вчерашната изјава на Мицкоски е директна порака: ‘оставени сте сами на себе’“, рече тој.
Филипче истакна дека реалната инфлација е далеку поголема од она што Владата сака да го прикаже.
„Статистиката не лаже – просечната инфлација во ЕУ изнесува 2,1%, а кај нас во август е 4,4%. Само прехранбените производи се поскапи за 6,7%, а овошјето и зеленчукот за 11%“, предупреди тој.
Според него, Синдикалната потрошувачка кошничка надмина 65.000 денари, додека Владата молчи и не нуди ниту една конкретна мерка за поддршка.
„Ова нема никаква врска со трета или четврта економска сила. Тоа се приказни за замајување. Ова е неспособност и незаинтересираност“, категоричен беше Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе не може да ја сокрие вистината дури ни со својата пропаганда:
„Граѓаните не веруваат веќе во тие приказни за економски раст. Најдобро знаат како живеат – не можат да врзат крај со крај“, рече тој.
Во заклучок, Филипче порача дека е срушен митот за економска компетентност на ВМРО-ДПМНЕ:
„Оваа власт не е народна. Оваа власт не е способна. И граѓаните тоа го гледаат секој ден“, заврши Филипче.