Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец март 2022 година, и го задолжи Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.03.2022 година, а на деловните банки им препорача да обезбедат пензионерите да може да располагаат со мартовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.03.2022 година.
Деловните банки, преку своите филијали и експозитури ќе обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата, и тоа:
– За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 година (вторник);
– За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 година (среда);
– За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 година (четврток) и
– За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 година (петок).
Во пензиите за месец март се вклучени првите 1.000 денари кои како дополнителна финансиска помош, пензионерите ќе ги добијат и со априлската и мајската пензија.
На денешната седница Владата ја усвои информација со која ги задолжи институциите од државната управа, најдоцна до 25 март, на разбирлив и прегледен начин да ги ажурираат услугите што секоја од институциите им ги нуди на граѓаните и кои што се опфатени со Каталогот на услуги и на Националниот портал за електронски услуги.
На оваа седница беше разгледана и усвоена и Информацијата за примена на законска одредба од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, и го задолжи Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија во рок од 15 дена, да изготви образец за биографски податоци кој институциите ќе го доставуваат при доставување предлози за избор и именување на лица до Владата на Република Северна Македонија и кој потоа ќе биде доставен до Државната комисија за спречување на корупција заради внесување во Регистарот за избрани и именувани лица.