Една година по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади лица, Македонија повторно се потсетува на ноќта што засекогаш ја промени државата и остави длабока рана во општеството.
Годишнината од трагедијата беше одбележана со комеморативна седница во Собранието, пораки за правда од институциите и нови реакции од семејствата на жртвите кои сè уште бараат одговорност.
На комеморативната седница во Собранието, претседателот Африм Гаши истакна дека трагедијата во Кочани не однела само 63 млади животи, туку и дел од иднината на државата.
„Некои ноќи завршуваат рутински, некои оставаат спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Такво утро беше 16 март минатата година“, рече Гаши, потсетувајќи дека ноќта започнала со забава и насмевки, а завршила со болка која ја погоди целата држава.
Според него, празнината што ја оставиле загинатите млади луѓе не може да се пополни со зборови, но правдата и вистината се единствениот начин барем делумно да се ублажи болката на нивните семејства.
Тој ги повика институциите – обвинителството, судовите и полицијата – професионално и транспарентно да ја водат постапката.
Додека институциите оддаваа почит, кај дел од семејствата на жртвите преовладува гнев и чувство дека државата доцни со сочувството и правдата.
Родител на едно од загинатите деца изјави дека комеморацијата во Собранието била организирана дури по притисок од семејствата.
„Ако ние не притискавме, немаше да има ни комеморација. Нас не нè гледаат како луѓе што страдаат, туку како противници“, рече тој, додавајќи дека трагедијата е резултат на институционална негрижа.
Судскиот процес за пожарот во „Пулс“ е во тек. На обвинителна клупа седат 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици на клубот, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
Сите обвинети на рочиште изјавија дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни за трагедијата.
Обвинителството, пак, најавува силни докази и тврди дека клубот бил „смртоносна стапица“, а пожарот е резултат на систематска негрижа и сериозни институционални пропусти.
Една година по трагедијата, дел од повредените сè уште се лекуваат и се соочуваат со последиците од пожарот.
Министерството за здравство, сега после една година, најави дека работи на решение со кое повредените ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за здравствените услуги, преку посебна програма што се подготвува.
Но и покрај институционалните чекори, трагедијата во „Пулс“ останува симбол на една генерациска загуба и потсетник на цената на системските пропусти.
63 млади животи згаснаа за неколку минути, а една година подоцна Македонија сè уште се соочува со истото прашање – дали правдата ќе ја затвори најболната страница од оваа трагедија.
