Вкупно 11 проектни тимови се дел од првиот хакатон „Е-Здравство”, кој се одржува овој викенд, a на кој учесниците ќе развиваат креативни и иновативни решенија за подобрување на здравјето на граѓаните.
Хакатонот се реализира во рамки на Програмата за корпоративна иновативност на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со корпоративниот партнер Рош Македонија и Министерството за здравство.
Воведни обраќања на официјалното отворање на хакатонот имале заменик министерот за здравство Илир Хасани, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров и Александар Смоковски, претставник на Рош Македонија.
– Целта на оваа платформа е да поттикнува брзи иновативни решенија за здравствените проблеми, овозможувајќи им комуникација меѓу тимовите. Неопходно е да се постигне соработка и интеракција меѓу здравствените институции и организации, здруженија на пациенти, локални компании и универзитети, за да се постигне крајниот производ благодарение на заедничката посветеност на експерти од сите споменати полиња, изјавил заменик министерот за здравство Хасани.
Викендов, 40 учесници организирани во единаесет проектни тимови со стручна поддршка на ФИТР, Рош Македонија и Управата за електронско здравство, ќе работат на развој на иновативни дигитални решенија во две категории – подобрa превенција и менаџирање Ковид-19, особено кај високоризични групи на пациенти и унапредување на женското здравје. Избраните решенија, како што посочуваат од ФИТР, ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот.
– Изминатиот период согледавме колку е важна брзата и безбедната соработка меѓу здравствените институции. Токму затоа, заедно со нашиот партнер Рош Македонија, започнавме предизвик кој има за цел да развие дигитални решенија за подобрување на здравствениот систем и да дадеме свој придонес кон унапредување на јавното здравје. Особено охрабрува фактот што за многу краток период од започнувањето на Програмата за корпоративна иновативност, успеавме да привлечеме две успешни компании со кои заедно работиме на трансформација на македонскиот стартап екосистем. Ова е пример за да се вклучат и други компании и заедно со претставниците да креираме дигитални решенија за доброто на сите, истакнал директорот на ФИТР Петров.
Во финалната фаза на хакатонот тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата за оценување и избор, по што следува финалната селекција и изборот на победничкиот тим. Вкупниот буџет изнесува 30 илјади евра, колку што е и максималниот износ за финансирање на поединечен предлог проект.
– Здравствената криза предизвикана од Ковид-19 ни покажа колку е потребно да имаме солиден и добро организиран здравствен систем. Токму затоа, решивме да вложиме во иновациите, бидејќи фармацевската индустрија и технолошките компании се круцијален двигател за иднината на здравствениот систем, изјавил претставникот на Рош Македонија Смоковски.
Јавниот повик „Е-Здравство“ на ФИТР и Рош Македонија беше отворен од 2 до 17 јуни годинава. На него, освен трговски друштва, можност имаа да се пријават и физички лица организирани во проектни тимови. Врз база на доставените предлог проекти, Комисијата за оценување и избор направи претселекција на апликантите кои преминуваат во следната фаза, односно се дел од Хакатонот на кој ќе се одбере најдоброто е-решение за подобро здравје.
