Двојно помал број на лекари и неисправни возила – хаос во брзата помош во Скопје

Во тешки услови, со двојно помал број на лекари и неисправни возила работи службата за итна медицинска помош, пренесува ТВ 24.

Од вкупно 14 возила само 9 се во функција. Во дел од нив нема ниту клима уреди што ја отежнува работата, посебно во летниот период кога има зголемен број на пациенти кои се превезуваат како резултат на топлотните бранови.

Проблем е и недостатокот од кадар. Дневно има и по стотина интервенции, а во службата во една смена работат само десет медицински екипи, што значи дека една екипа опсулжува дава итни здравствени услуги на 70 000 жители.
Неопходно е техничко засилување но и вработување на медицински персонал вели новиот директор на Здравствен Дом – Скопје – Злате Мехмедовиќ.

„Итната медицинска помош треба да се засили со медицински екипи кои ќе бидат 15 н број во смена, да има 75 медицински тимови кои ќе можат да функционираат на територијата на Скопје“, вели Злате Мехмедовиќ – Директор на Здравствен дом – Скопје.

Вработувањето на нов кадар најверојатно ќе почека поради изборите, освен ако државната комисија за спречување на корупција дозволи доекипирање на службите – вели Мехмедовиќ.

„Комисијата за спречување на корупција, доколку ни овозможи  да вработиме персонал, кој ќе ни помогне во екипирањето на службите, тоа ќе биде за поздравување. Ако не можеме да го направиме, ќе го почитуваме изборниот законик и ќе најдеме начин да помогнеме Брзата помош да функционира“, вели Мехмедовиќ.

Недостаток од кадар има и во Здравствениот дом во Скопје, што го отежнува работењето на поликлиниките, но и го намалува квалитетот на здравствените услуги за пациентите.

Во моментов работат 1 200 лекари и друг медицински персонал, а со оглед на бројот на пациенти потребни се дополнителни 500 вработувања вели директорот.
Мехмедовиќ веќе побарал од министерот за здравство вработување на барем 100 лекари и 150 медицински сестри. Во меѓувреме вели се снаоѓаат со преземање на лекари од други клиники за да  покријат одредени специјалистички одделенија.

Според него вработувањето на кадар во здравствениот дом треба да биде приоритет со цел да се олесни работата на секундарното и терциерно здравство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e