Докторката на одмор пациентите во немилост на судбината. Нема кој да потпише распределба на лекови за десет лица со пулмонална хипертензија. Прашуваат треба ли некој пациент да умре за надлежните да сфатат во каква ситуиација се наоѓаат. Апелираат дека веќе нема време за чекање. Од Mинистерството за здравство им рекле дека лекарката од Кардиологија е на одмор а нема друго надлежно лице за да може да ги распредели. Во меѓувреме здравствената состојба на пациентите се влошува, оставени се сами да се снаоѓаат. Некои ги купуваат лековите приватно, но голем дел од нив немаат средства , бидејќи терапијата е скапа.
Ваквото неодговорно однесување на институциите го доведува во прашање животот на овие лица, велат од здружението на пациенти.
„Нехумано, нечовечки и крајно несериозно го коментираме ние ова како пациенти и како лица на кои треба да им се пружи помош. Ако тргнеме од Хипократовата заклетва секогаш треба да има човек кој е договорен кој ќе ја следи состојбата кога лекот завршува, кога треба да се отпочне тендерската постапка – тоа да не се прави откакко ќе се исцрпат количините. Никој не врши контрола колку има лекови за овие пациенти никој не води грижа за овие пацинети да бидат третирани“, вели Ирена Ѓурчиновска – Здружение на пациенти.
Секоја година пациентите се соочуваат со истиот проблем. Државата доцни со набавката на лекови, пациентите прават прекин во терапијата, а тоа им ја влошува здравствената состојба. Прекинот на терапијата кај пациентите со ретки болести може да заврши фатално, објаснуваат од здружението.
„Главниот проблем е во тоа што прво нема добра комуникација помеѓу Министерството за здравство и одговорните лица со Клиниката за кардиологија која во овој момент се води како надлежна. Надлежните од МЗ треба да бидат малку солидарни и да не дозволуваат ова да се повторува истата ситуација секое лето. Секоја тендерска постапка да има прекин, сега треба да се направи и тендерска постапка за вториот лек за комбинирана терапија. Доколку ова повторно се случува овие 10 пациенти за година- две веројатно ќе ги уполовиме“, вели Ирена Ѓурчиновска – Здружение на пациенти.
Од Министерството за здравство тврдат дека лековите ќе ги испорачаат следната недела и дека ниту еден пациент нема да остане без потребните лекови.
„Информираме дека во тек е постапка за набавка на лекот Силденафил од 50 mg, а во меѓувреме се набавени количини од 20 мг и истите ќе се испорачаат во текот на следната недела. Дел од количините се веќе доставени, а целосно ќе бидат доставени следната недела, што значи дека ниту еден пациент нема да остане без потребната терапија“, велат од Министерство за здравство .
Од Министерството за здравство велат дека со Комисијата за ретки болести работат на континуирано обезбедување на терапијата за ретки болести.
Пулмоналната хипертензија е ретка болест. Во Македонија има десет лица со ова заболување регистрирано, а секоја година по еден пациент ја губи битката со болеста.
Претходно повеќе од еден месец доцнеа и лековите за пациентите со хемофилија, кои беа во критична состојба, но Министерството за здравство успеа во последен момент да направи интервентна набавка.
Извор: 24 ТВ