Според анкетата која за потребите на Детектор ја изработил Институтот за политички истражувања дури половина од македонските граѓани не очекуваат да добиеме датум за старт на преговорите идната недела.
Од анкетираните граѓани 47,7 отсто не очекуваат датум за преговори овој октомври, 34,8 се оптимисти дека сепак идната недела, Брисел ќе и даде зелено светло на земјава, додека пак 17,5 отсто немаат одговор.
24 отсто или една четвртина од граѓаните сметаат дека ако не добиеме датум за старт на преговорите овој октомври тогаш тоа нема никогаш да се случи. 22,3 отсто старт на преговорите очекуваат во следните пет години, 16,9 отсто мислат дека тоа ќе се случи до крајот на идната година додека 16,7 отсто велат дека датумот за преговори ќе дојде следната пролет.
Според граѓаните власта ја носи целата одговорност за овој процес. 34,7 отсто сметаат дека за евентуален неуспех во Брисел виновна ќе биде Владата, додека 19,7 отсто одговорноста ја лоцираат кај опозицијата. 8,2 отсто при евентуален неуспех виновник гледаат во одредени земји членки, додека околу пет отсто се изјасниле дека вината ја гледаат на друго место.
СДСМ е партијата која според 30,9 отсто од анкетираните граѓани направила најмногу за приближувањето на Македонија кон Европската Унија. Речиси идентичен процент или 30,6 отсто сметаат дека заслуги за македонските евроинтеграции нема ниту една политичка партија. 10,1 отсто сметаат дека за ЕУ најмногу направила опозициската ВМРО-ДПМНЕ, 6,4 отсто и даваат кредити на ДУИ и три отсто на Алијансата за Албанците.
Според мнозинство од граѓаните, критиките кои на македонска адреса доаѓаат од Брисел се оправдани. Вака сметаат 41,4 отсто од анкетираните, додека во спротивното се убедени 26,7 отсто додека 31,9 отсто немаат одговор. 46,8 отсто од анкетираните сметаат дека аферата рекет ќе има влијание врз одлуката за добивање на датум за старт на преговорите. 32,4 отсто не очекуваат последици додека 20,8 отсто останале без одговор.
Доколку утре се организира референдум, високи 67,4 отсто ќе гласаат за влез на Македонија во Европската Унија, 17,3 отсто се против додека без одговор се 15,2 отсто анкетирани.