Добра вест за Македонците во Словенија: Се признаваат возачките дозволи без практичен испит

Собранието на Словенија ги усвои измените на Законот за возачи, со кои на сопствениците на возачки дозволи издадени во Македонија им се овозможува замена на документот без повторно полагање на практичниот дел од испитот. Мерката важи под услов лицето да има регулиран престој во земјата.
Новата регулатива, усвоена вчера, претставува значително олеснување за македонските државјани кои живеат и работат во Словенија. Идентична постапка важи и за возачките дозволи издадени во Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.

Според измените, возачите од Македонија ќе имаат рок од една година од моментот на пријавување престој за да го заменат документот. Иако нема да го полагаат практичниот дел од испитот, сепак ќе мора да приложат медицинско уверение како доказ за ментална и физичка способност за безбедно управување со возило.

Пратеничката Сандра Газинковски од партијата „Слобода“, која го претстави предлогот, рече дека целта на законот не е создавање привилегии, туку елиминирање на непотребните административни бариери.

„Тоа е непотребна административна пречка која ги забавува процедурите за вработување и им создава дополнителни трошоци, чекање и тестови на луѓето“, изјави Газинковски, нагласувајќи дека мерката ќе го олесни секојдневието на странските работници.

Опозицијата, сепак, се спротивстави на измените, предупредувајќи дека ваквата либерализација може да има негативно влијание врз безбедноста во сообраќајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e