Длабок зимски циклон носи обилни врнежи и над 50 сантиметри нов снег

Метео анализа на Славчо Попоски:

Поради спуштање на нов многу поладен воздух од север кон јужна и кон југоисточна Европа, над јужна Италија а особено над Јонското море ќе дојде до формирање на длабок секундарен циклонски систем кој значително ќе влијае на времето кај нас во Македонија од вторник навечер 31 март 2026 па во деновите потоа условувајќи нови обилни врнежи кои на пониските места (градовите) ќе бидат од дожд а на повисоките места и на планините над 1000 метри ќе бидат од снег каде ќе дојде до формирање и до значително зголемување на снежната покривка. Најобилни врнежите ќе бидат во среда и во четврток (1 и 2 април). Повремено ќе дува засилен ветер од северен и од североисточен правец.

Локално за време на овој период ќе наврне големо количество на воден талог (над 50 литри на метар квадратен дожд) а на планинските места и на Скијачките центри локално снежната покривка ќе се зголеми за околу 40/50 сантиметри па и за повеќе од 50 сантиметри. Поради продорот на поладен воздух од север повремено снежната граница особено во северните и во западните предели од Македонија ќе се спушти и под 1000 метри со што врнежи од влажен снег ќе има и во повисоките населени места.

Во Скопје и околината за време на овој период ќе има пообилни врнежи од дожд проследени со повремено засилен ветер од северен правец. На околните планини повремено врнежите ќе бидат од снег.

Температурите ќе бидат под просекот за овој период од годината. Наутро тие ќе се спуштаат во интервалот од 0 до 9 степени а преку денот тие ќе се искачуваат во интервалот од 5 до 12 степени. Во Скопје и околината наутро температурата ќе се спушта до колу 7 степени а преку денот таа ќе се искачува до околу или малку над 10 степени.

Апелирам поради очекуваните нови обилни врнежи од снег особено на повисоките и на планинските места со надморска височина од над 1000 метри, возачите да бидат крајно внимателни како управуваат со своите возила, особено доколку се движат низ планинските превои.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e