или
ПРОМЕНИ (3)
Таму каде што царува криминалниот ум, просечноста, неукоста, исклучивоста и провинцијализмот … нема место за вистинската култура. Најмалку – за политичка или демократска култура. И тоа, за жал, имавме прилика да го гледаме цели, еве, единаесет години. А шлагот го видовме задвчера, со срамното квазипатриотско однесување на малоумникот од Водно.
Иако во изминативе години криминалциве имаа полна уста – и џебови, се разбира – култура, вклучувајќи тука и политичка и демократска култура, ама тие под тој поим по правило подразбираа нешто друго, нешто сосема поинакво од сите други нормални држави, нешто што се граничеше, и се граничи, со некои „културни“ процеси својствени за европските простори пред два-три века. (Се разбира не со ваков неук асортиман и криминален потенцијал!). Ако сиот нормален свет денес под културата подразбира (и) демократија, тие подразбираат автократија, ако другите во културата бараат (и) развојна компонента на државата, „преродбенициве“ наоѓаа(т) азно за лично богатење. Таму каде што, вообичаено, културата продолжуваше како надградба, кај нас свртуваше во – дивоградба. Зашто многу нешта, ако не и се’ во македонската култура (а тука слободно можеме да ја вклучиме и политиката и демократијта) во изминатава деценија е, повеќе или помалку, дивоградба. И тука не мислам само на шизоидното „Скопје 2014“, каде се’, и буквално се’ е незаконско и дивоградба, туку мислам и на институциите (музеите пред се’), на „мерките“ и „активностите“ (особено на оние легални поткупи на уметниците) на непрежаленото ни Министерство за (не)култура, на т.н. годишна програма за финансирање на националниот интерес итн. Речиси и да нема одлука, потег, решение кое е или на границата на законот или е тотално незаконско.
Ако, на пример, Законот за музејска дејност (што, патем, самите го донеле) наложува пред основањето на еден (јавен национален) музеј да бидат претходно обезбедени некои суштински нешта како: основни средства за почеток со работа, финансиски средства за одржливо вршење на дејноста, елаборат за основање на музеј, обезбеден музејски материјал со документација кој може да послужи како основен музејски фонд, соодветен стручен кадар и др., кај „стручњациве“ нештата започнуваа наопаку, односно така што прво две-три будали, во авион или во кафеана, решаваа дека на Македонија и’ треба таков и таков музеј и – Елизабет почнуваше да го гради. Под будното око на главниот „архитект“, се разбира. Да беше со нивни пари па и да не ти е криво (иако законот важи подеднакво) ама тие уживаа да градат и трошат туѓи, буџетски пари. И тоа го правеа бескрупулозно, неконтролирано, дури налудничаво.
Или, спротивно на сите стручни, нормални и здраворазумски стандарди и политики во заштитата на културното наследство, овие запнаа за такво да ги прогласат и нивните стиропорни зданија никнати само пред некоја година во центарот на Скопје. И ја (про)туркаа таа теза како луди, дури апсеа и притвораа луѓе за „уништување“ на тоа „културно наследство“, ги влечкаа по судови … само да удоволат на шизофреното его на еден грст криминалци во врвот на државата.
Сосема исто впрочем – шизофрено, неуко и нестручно – беше и целокупното однесување на државниот орган надлежен за работите во културата, почнувајќи од неговите т.н. годишни програми за финансирање во културата за кои што, до денес, не се појави никаков писмен финансиски извештај, преку анахроните (и повторно противзаконски) „акции“ за откуп на уметнички дела, до сите други мали но и не така мали потези во културата кои што ја фрлаа оваа област во секакви мрачни сценарија и драмолетки, во конспирации и криминални трансакции. Вклучувајќи го тука и последниов „избор“ на македонски претставник за Биеналето во Венеција! Затоа всушност ние и не можеме да говориме за македонска култура во вистинската смисла на зборот во изминатава деценија, зашто од тој поим кај нас остана само она најлошото – полуписменото, партизираното, неинвентивното, анахроното, некреативното. Затоа, едновремено, не можеме да говориме ни за нешто што би можеле да го наречеме позитивно искуство или конструктивен потег на таа некултурна администрација што се’ уште ја тормози македонската култура со своите кримогени дејанија. Уште помалку можеме да говориме за некакви човечки односно кадровски ресурси или креативни потенцијали за кои што промените, новиот ден би требал да ги има предвид или, не дај боже, и понатаму да ги згрижува. И да ги храни, со плати и проекти! Тоа е идниот тежок баласт на македонската култура и од него новата власт ќе мора итно да се ослободи. Како знае и умее, а најдобро – директно и неотповикливо! Зашто тој баласт, таа тежина е огромна, непродуктивна, целосно нефункционална и во прв ред нестручна и (ќе) претставува сериозна кочница на структуралната и кадровската обнова во културата!
Апропо малоумникот: се покажа дека тој е една од најголемите дивоградби во државава! А дивоградбите не треба да се менуваат – тие треба да се уриваат!!!