Димитров: По НАТО интеграцијата нема поголем предизвик од членството во ЕУ

Јас заедно со мојот тим ќе дадеме се од себе за нашата држава да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото со која сите ќе се гордееме потполно свесни за сите пречки и предизвици што ги има и што допрва ќе се појавуваат и надвор и дома од центри на моќта кои не им одговара ниту нашата борба, ниту нашата цел. Но, оваа е нашата битка, ова е должноста на нашата генерација и за мене како човек кој целата кариера ја посвети на заокружување на двете клучни цели од македонското осамостојувања НАТО-членство и европската интеграција сега кога првата ја постигнавме рамноправна држава членка на НАТО нема поголем предизвик од исполнување на втората цел, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Тој истакна дека доколку работите се движат во посакуваната насока по првата меѓувладина конференција со почетокот на следната 2021 година ќе се продолжиме со скринингот, аналитичкиот преглед на европското право и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.

-Доколку работите се движат според планираната динамика би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа ќе можеме во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80 проценти од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во ЕУ, рече Димитров.

Тој на денешната прес конференција што ја одржа по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања истакна дека процесот на преговори бара многу реформи и многу промени што се тешки и бараат не само знаење и вештини, туку и упорност. Ќе треба, рече, да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме.

-Значи, не само на зборови, туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме со понуда за иднина на секој млад човек, рече Диитров.

Во врска со престојниот процес на преговори се осврна на неколку, како што рече, клучни столбови на кои тој се потпира.

-Новата методологија за преговори, новата генерација на претпристапна помош ИПА 3 и неодамна објавениот Економски инвестициски план девет милијарди евра европски пари грантови за регионот се шанса што мора да ја искористиме. Тие внесуваат поголема динамика и можност побрзо да се напредува ако навистина испорачуваме резултати. Можноста да се отворат симултано кластери во кои се групирани по 8-9 поглавја поврзани со конкретна помош обезбедена преку ИПА 3 повикуваат на масовна мобилизација, искористување на потенцијалот кој го имаме во администрацијата, но и вклучување на нови кадри, рече вицепремиерот.

Според него, новата методологија наметнува и потреба од прилагодување на преговарачката структура, нејзино поедноставување, операционализација и зголемување на ефикасноста и на ефективноста. Главниот преговарачки тим, рече, мора да биде мал и рационален збир на најдобрите со единствен критериум знаење, искуство и кредибилитет. Од искуството на другите земји на Северна Македонија ќе и бидат потребни некаде меѓу три и четири илјади експерти во целиот процес за усогласување, имплементација, хармонизација, апсорпција на ЕУ-фондови насочени кон реформи.

-Ќе бидам искрен, кадровскиот потенцијал е предизвик и дел од овие луѓе ние денес ги немаме во администрацијата. Но, уште оваа недела минатиот вторник во Владата веќе разговаравме за политика на задржување на компетентните и способните професионалци и привлекување на нов кадар и на неа ќе и пристапиме како на прашање од највисок државен интерес. Ако ова е стратешки приоритет број еден, тогаш сигурно заслужува и таков третман како наша кадровска и финансиска инвестиција во иднината, истакна вицепремиерот за европски прашања.

Тој смета дека посебен предизвик е ИПА структурата е посебен предизвик, бидејќи во изминатите години бројот на вработени континуирано опаѓал што довело до своевидна ерозија на административните капацитети, способноста за апсорпција на европските фондови и непречено спроведување на проектите.

-Ако не преземеме итни мерки од следната година со тренд на зголемување се до 2025 година ќе губиме се поголема сума европски пари, луксуз што ќе се согласите го немаме. Затоа ќе биде еден од клучните приоритети. Се веќе детектира во кои институции има најголеми слабости и она што посебно загрижува е дека бројките се критични и во телата што се најповикани за спроведување на проектите и индиректното управување во министерствата за финанси, за животна средина, за транспорт и врски, истакна на прес-конференцијата Димитров.

Најави формирање гарантен фонд за кофинансирање и помош, поддршка за развивање на проекти кои ги предлагаат граѓанските организации и предлог во најскоро можно време модел за воспоставување на ЕУ инфо-мрежа со точки на регионално ниво со цел да се приближат информациите за користа од овој процес од членството во ЕУ, како и процедурите за вклученост и користење на ЕУ-фондовите до сите граѓани и потенцијални корисници.

Вицепремиерот Димитров рече дека веднаш по објавувањето на Извештајот на ЕК во погон бил ставен целиот административен апарат за да се извлечат клучните задачи, а најви и ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ. Вратена е неделната координација за ИПА проектите со ЕУ делегацијата. СЕП ќе работи и на превод на европското право на македонски јазик, кој, како што рече е обемен процес. Појасни дека европското право се состои од повеќе од 170.000 страници, а кај на има преведени 20-ина илјади страници.

Ќе се направат напори и во областа на дигитализацијата, но со помош на билатерални партнери и наши сопствени средства следната година сериозно ќе инвестираме во развивање на интегриран портал за следење на Националната програма за усвојување на АКИТЕ. – Секој документ од овој процес ќе се вкрстува во СЕП и затоа нашите бази на податоци ќе мора да бидат целосно функционални, рече Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e