Димитров оствари повеќе средби на вториот ден од Преспа форумот, во фокусот интеграцијата во ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на вториот ден од Преспа форумот за дијалог оствари повеќе средби на кои во фокусот беа европското досие на Северна Македонија и проширувањето на Европската унија со земјите од регионот, како и меѓусебната поддршка за остварување на резултати во клучните области.
На средбата со шефот на полската дипломатија Збигњев Рау е потврдена принципиелната поддршка за конечен почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
– Континуираната поддршка од Вишеградската група е мотивација за истрајност во напорите за остварување на европската перспектива на Северна Македонија и регионот, за што билатералната соработка и споделувањето на искуства има голема улога во таа насока, истакнал Димитров на средбата.
Од Секретаријатот за европски прашања попладнево информираа дека Димитров остварил средба и со австрискиот министер за надворешни работи со кого заеднички се согласиле дека европеизацијата на Северна Македонија мора да продолжи.

– Со мојот драг пријател и еден од нашите најголеми поддржувачи се согласивме дека европеизацијата на Северна Македонија мора да продолжи и дека е време за преминување кон следната фаза од процесот и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, што е од стратешки интерес и за Австрија и за ЕУ, нагласил Димитров.
Тој остварил средба и со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц на која е разговарано за потребата од заемна соработка и поддршка на земјите од регионот за остварување на европските аспирации и заеднички придонес кон стабилноста и безбедноста.
Билатерален состанок е одржан и со шефот на црногорската дипломатија, Ѓорѓе Радуловиќ, на кој е потенцирана одличната билатерална соработка, како и заедничките погледи за иднината и просперитетот на регионот.
Димитров, како што информира СЕП, бил дел и од трилатералниот состанок со амбасадорката на САД, Кејт Брнс и естонската амбасадорка Кристи Карелсон, на кој е разговарано за проектот за дигитализација на Северна Македонија што ќе биде спроведен во директно партнерство со Естонија.
– Нашата визија кон иднината подразбира и ориентираност кон теми како што е дигитализацијата што се наметнува како хоризонтален процес од којшто ќе зависи напредокот во многу клучни области. Имаме чест да учиме од дигиталните шампиони на Европа – Естонија, со директна поддршка на нашите важни стратешки партнери – САД, вели Димитров.
На маргините на Преспа Форумот, Димитров имал средба и со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, на која е разговарано за важноста на зајакнувањето на споделените вредности од областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото​ во рамки на оваа пан-европска организација, од кои потекнуваат и одредниците во клучните области од процесот на европската интеграција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e