ДИК со официјални резултати: Градоначалници се избрани во 43 општини, во 33 ќе има втор круг

Државната изборна комисија синоќа ги соопшти официјалните резултати од првиот круг на изборите локалните избори, што се одржаа на 19 октомври, на кои се избраа советите во 80 општини и во Градот Скопје.

Градоначалници се избрани во 43 општини, во 33 ќе има втор круг на 2 ноември, а во 4 општини изборите ќе почнат од почеток, затоа што не е исполнет цензусот од 30 отсто излезност.

Коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 33 градоначалнички места во првиот круг, коалицијата Вреди победи во 4 општини , СДСМ освои градоначалници во 3 општини, а НАИ, исто така – 3 општини.

Излезноста во првиот круг од 8-те локални избори во Македонија е 46,63 отсто, односно гласале 854.620 граѓани.

ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг во општините: Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Градско, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и во Штип.

Коалицијата ВРЕДИ си осигура градоначалници во: Арачиново, Желино, Сарај и во Теарце.

Националната алијанса за интеграција во првиот круг победи во Пласница, Липково и во Чашка.

СДСМ освои градоначалници во првиот круг во: Богданци, Крива Паланка и во Кривогаштани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e