Денеска во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој беа презентирани дел од проектите од областа на животната средина кофинансирани преку повеќе инструменти на фондот.
Пред присутните се обратија директот на ФИТР Јован Деспотовски и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.
Деспотовски рече дека ова е пример на една масовна акција на сите актери во едно општество, не само државните институции, невладините и компаниите кои што може значително да придонесат во справувањето со актуелното загадувањето.
-Денеска презентираме девет проекти кои ФИТР ги реализираше, односно ги поддржа во изминатите две години. Станува збор за реални проекти, реални показатели, реални мерења, со реали луѓе за реален бенефит. Еден милион евра вкупно вложени средства, од кои 250 000 се средства на приватните компании што значи и приватниот сектор се вклучува во развивање на соодветни конкретни решенија. Јас не велам дека овие проекти денес ќе го решат проблемот со загадување во нашата земја или на глобално ниво, но тие секако даваат придонес. Ова е добра симбиоза, пример на коалиција на меѓународни организации, на домашни компании и ученици. Исто така сакам да апелирам до сите државни институции, организации и поединци, најлесно е да бараме вина за ситуацијата, повеќе ќе ни користи да видиме секој во својот домен, во областа на надлежност да се обиде да најде решение. Ние воведовме обврска за сите компании кои ги финансираме и пред потпишување на договорите се прави независна проценка дали проектите што се финансираат, а треба да донесат економски раст, притоа имаат некаков удел во загадувањето, целта ни е секако економски раст на одржливи параметри, а не на загадување. – рече Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
-Мене ми е драго што еден сон на неколку млади луѓе во соработка со академската заедница на крајот 2017година веќе се преточува во реалност. Драго што првиот предизвик што овој Фондот го направи беше токму за животната средна. Гледаме дека изборот што сме го направиле бил одлучен и во реалноста имаме компании со свои производи, продукти и иновации кои придонесуваат за животната средина. Денеска во Европа новата европска комсиија како белег го има новиот т.н. зелен договор на кој главна компонента е како да се подобрат иновациите и да се потикнат младите луѓе и универзитети да нудат решение за заштита на животната средина и справувањето со климатските промени. Ние како земја која го бара своето заслужено место во ЕУ сме во добар правец и ми е драго што Фондот за иновации е подготвен за новиот предизвик од оваа област. – рече Јани Макрадули, заменик министер за животна средина.
Макрадули најави дека до крајот на годинава треба да биде донесен законот за комунална инспекција со кој е предвидено на општините комуналните инспектори да им се доделат поголеми ингеренции, во соработка со општините и Град Скопје.