Владата денеска треба да донесе одлука за тоа каков ќе биде полицискиот час за време на продолжениот празничен викенд.
Препораката на Комисијата за заразни болести е позната од средата и таа е тој да започне од сабота во 19 часот и да трае до вторник до 5 часот. Сепак Владат ќе ја донесе конечната одука.
„Во текот на утрешниот ден ќе има одлука на Владата каков полициски час ќе има викендов. Се вршат консултации, досега се почитуваа препораките, ние ги следиме експертските мислења. Ќе мора да одиме кон олабавување на мерките, но тоа значи почитување на другите нерестриктивни мерки. Но, тие мерки не се почитуваат, не се носат маски“,
изјави синоќа министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевки за време на неговото гостување на ТВ 24.
Понеделник е неработен ден бидејќи во недела се одбележува муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, како и Св. Кирил и Методиј.
На долгиот полициски час предложен од Комисијата за заразни болести, се спротивстави и ВМРО-ДПМНЕ со став дека е престрог.
„Со други зборови, недела и понеделник за Владата на СДСМ е опасно, а вторникот не е. Според кои критериуми е донесена ваква препорака? ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права“, реагираа вчера од партијата.