Демонтажа на вмровизмот и груевизмот и што треба да се менува

Луѓето што не се на социјалните мрежи се заштитени од радиоактивното зрачење на масата.

Тоа е предност, се разбира.

Често ми доаѓа да го затворам дуќанот, да залепам некое картонче врз тапетите на овој ѕид, со една или две пораки: затворено поради реновирање или дуќанот е преселен у “Пизду материну б.б”, но од друга страна, гледам дека тие луѓе никогаш во животот нема да се сретнат со феномени каков што беше еуфоријата што пламна на веста дека Институтот за стратешки истражувања во Мала Речица, оценил дека идеите за законското регулирање на албанскиот јазик, што му стигнале на проучување од улицата “Бихаќка” во Скопјанг, се прифатливи.

На веста дека Али Хигс рекол дека македонската материја има маса само ако во неа се врти албанскиот бозон.

Што тој ќе го пушти на историскиот рингишпил!

Океј!

Луѓето тоа го сватија како знак дека ќе бидат ослободени така што ќе се формира ново парламентарно мнозинство и нова влада. Мислам дека сите ризици и сите заебанции и опасности што ги носи јавното изложување на фејсбук, се мала работа во однос на задоволството да се почувствува тој крик што луѓето го испуштаат кога слободата ќе ја почувствуваат зад првиот свиок.

Нема да згрешиме ако тој феномен (еуфријата) го анализираме од аспектот на единственото ропство што луѓето го живееја под ВМРО-ДПМНЕ, нешто што не е забележано во политичката историја на Европа, или ако фрлиме еден поглед врз нивниот поглед на сопствените одговорности за тоа беспреседентно потчинување на простотата на чипираните идиоти на малото шаткасто чудовиште, на разорените животи и општи перспективи, но мојата поента тука е страста и енергијата и љубопитството што се раѓа од можноста ѕверовите да си ги симнат од моќта да им серат врз главите.

Таа енергија, контролата и на некој начин манипулацијата со таа енергија, паметната манипулација, мораат да се разберат како важно погонско гориво на новата власт, на проектот за рехабилитација на Македонија и за обнова на личните и заеднички надежи сврзани со оваа државичка.

Тоа е едниот столб на новите политики.

Вториот, како што јас гледам на работите, мора да биде приказната која ќе се формира околу причините за катастрофата и околу работите што мораме да ги направиме, не против тие елементите на приказната, туку во прилог на нејзиното закономерно завршување.

Таа приказна има или може да има безброј аспекти.

Од практични причини тука ќе ги сведеме на термините вмровизација и девмровизација.

Таа приказна е нужна за да го ангажира вниманието на јавноста и да нуди прифатливи одговори врз реални основи за контекстот на човечката и на општата драма. Таа приказна е, односно може да биде, врзивното ткиво, лигаментите на новото општество. Не гледам друг елемент со таква потенција.

 Второ, таа приказна мора да биде жестока!

Таа не смее да биде заспиванка!

Таа мора да ја има својата конфронтирачка, дури и одмаздничка димензија!

Низ кои ќе се деконструира злото!

Ќе се изврши тој фамозен егзорцизам врз Македонецот!

Тоа е сосема различна работа од идејата за тоа дека треба да им туриме крај на поделбите, да бидеме сите заедно, фини, културни…

Јас мислам дека тој што мисли да се занимава со политика во Македонија и со Македонија на еден амбициозен и позитивен начин, нема да може да ја заобиколи оваа теза, а да не си ја счука главата на првиот свиок.

Новото обеднинување на Македонија е можно само низ жестока, но праведна, се разбира, конфронтација, а не низ лигаво уривање на критериумите во името на единството.

Трето, мораат да се разорат историските, културните, политичките, правните и економско-финансиските основи на злото.

Без пардон.

И тоа да се ткае како врзивна нишка на наративот околу кој ќе се конституира новата Македонија.

И, на крајот, во овој мал напор, а на фонот на страста на вампирите да ги дискредитираат македонските културни вредности ( цуџиња) и да ја довршат дефакторизацијата ( јас го користев терминот десубјективизација, хахаха, ќе ги тужам), јас ќе кажам дека е неопходна радикална критика на македонската културна реализација низ целокупната државна, државотворна и национална историја.

Тоа мора да се комбинира со голема храброст и визија.

Во прилог е мојата мала скица објавена пред некој ден на фејсбук.

Што треба да се менува:

1. Основните училишта се мачилишта за децата и фабрики кои го загадуваат општеството. Мораме да влеземе во комплетно нова идеја за образованието и социјализацијата на децата не само преку радикална ревизија на глупавите програми туку и преку осмислување на комплетно нов институционален систем.

2. Стеснување и елитизација на високото образование, апсолутно спротивна ориентација од масовноста, дисперзираноста и примитивизацијата што беше заложба на досегашната власт.

3. Државата нема повеќе сила и интерес да го одржува смешниот систем на Македонската академија на науките и уметностите: клуч на МАНУ и некакво хотелско или слично, можеби галериско или пошироко културно преуредување на убава зградурина крај Вардар.

4. Разделба со идејата дека МПЦ и битката за нивниот афтокефален статус се национални прашања: не се, тие се нивни прашања и разделба со специјалните статуси на верските заедници.

5. Разделба со моделскиот систем на таканаречените задолжителни форми во културата со нивната наводна национална димензија, филхармонијата, да речеме и драматична ревизија на идејата за државното финансирање на културата во досегашните облици со влез во сосема нови димензии…

Списокот е отворен, се разбира…

Бранко Тричковски

( Колумна во “Слободен печат”)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e