Вработените во телевизијата Нова веќе 3 месеци не зеле плата, се жалат дел од новинарите во телевизијата, кои инсистираат да останат анонимни.
Во обид официјално да ја потврди оваа информација, Фокус вчера стапи во контакт со главната и одговорна уредничка на телевизијата, Билјана Трендафилова, која замолила да биде побарана подоцна во текот на денот, но подоцна не одговарала на телефонските повици.
Инаку, телевизијата е во сопственост на градежната компанија Трансмет, која, пак, е во сопственост на семејството Кочан.
Еден од браќата Кочан – Сеад Кочан, е првоосомничен и обвинет во случајот на Специјалното јавно обвинителство под кодно име Труст.
Според СЈО, Кочан ја злоупотребил службената положба во 2012 година, кога како управител на Трансмет со лажни документи добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.
Откако се случи тоа, Сеад Кочан излезе од сопственоста на Трансмет, која е на чекор да добие уште еден тендер од ЕЛЕМ за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола, откако понуди за екстремно ниска цена во споредба со досега.
Неговата сопруга, Асмира Кочан, беше управителка на телевизијата Нова, но неодамна и таа ја напушти оваа функција во телевизијата.
Телевизијата која постои некаде година дена беше најавувана како транспарентен и објективен медиум, но медиум кој веднаш застана во целосна поддршка на тогашната влада на ВМРО – ДПМНЕ и која земаше добар дел од владините реклами. Сега откако ВМРО – ДПМНЕ не е веќе на власт и откако новата влада донесе одлука за укинување на владиното рекламирање, голем дел од приходите на компанијата се намалени па со тоа и опстанокот на телевизијата е доведен под знак прашање.