Дачиќ ќе ги каже причините за повлекување на персоналот на Амбасадата

РТС денеска ја потврди информацијата на македонските медиуми дека целиот персонал од Амбасадата на Србија во Скопје се повлечени на итни консултации во Белград. Но за што се работи јавниот сервис најавува изјава на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Амбасадорката Душанка Дивљак Томиќ која синоќа пристигнала во Белград за Бета по СМС порака рекла дека не може да зборува за причините, и дека официјална изјава ќе има денеска.

Ниту во македонското МНР нема детали за причините за повлекување на персоналот во српската амбасада.

Во соопштението се наведува дека добиле допис дека персоналот од амбасадата ќе се повлече на консултации во Белград, но велат дека немаат информации која е причината за ова.

-МНР на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка.

Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје, се вели во соопштението на МНР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчеравечер одговори дека „по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, МВР превзема мерки на зголемена безбедност на нивните објекти“.

Македонија и Србија неколку месеци наназад имаат влошени односи откако министерот за надворешни работи Дачиќ во Атина ја повтори старата изјава дека Србија згрешила што ја призна Македонија под уставното име, со оглед дека земјава го признала Косово и гласала за влез на Приштина во УНЕСКО.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, иако првично застана зад Дачиќ, подоцна даде смирувачка изјава.

– Србија тоа го призна, иако Македонија ја призна независноста на Косово, што сигурен сум беше спротивно на волјата на нејзиното население, изјави Вучиќ на прашање на Македонската телевизија, во Вашингтон на 18 јули по средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e