Лидерот на тимот доктори д-р Сашко Јовев кои ја предводеа успешната трансплантација на срце кај 54-годишниот Иван Огненовски во вчерашното интервју на ТВ 24 рече дека според лекарските проценки овој пациент би можел да живее уште неколку месеци, доколку не се случело пресадувањето на овој витален орган.
Сега е најважно неговото тело да го прифати новото срце, вели доктор Јовев.
„Основниот проблем кај пресадувањето на срце е тоа што организмот може да го препознае како стран орган. Првиот тип на отфрлање којшто е многу брз може да се случи веднаш и тој го одминавме. Вториот тип е овој којшто може да се случи во текот на неколку месеци, но за тоа даваме многу јака терапија за да се спречи истото. Третиот тип е после повеќе години, којшто наликува на коронарна срцева болест. Но, и покрај тоа што ова звучи вака сериозно, генерално перспективата е многу добра затоа што со овие лекови повеќе од 75 отсто од пациентите живеат повеќе од 5 или 10 години“, вели Д-р Јовев.