„Црвен аларм за женското срцево здравје”: Една од три жени умира од кардиоваскуларни заболувања

Регистриран е тренд на пораст на кардиоваскуларните заболувања кај женската популација, но и со тренд на пораст на појава на овие заболувања на помлада возраст кај женската популација. Една од три жени умира од кардиоваскуларни заболувања, една од 18 жени умира од мозочен удар. Неопходно е да се подигне свесноста за чести превентивни кардиоваскуларни прегледи и кардиоваскуларен скрининг.

Ова беше истакнато вечерва на промовирањето на акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје”, што ја спроведуваат Универзитетската клиника за кардиологија, Здружението на матични и семејни лекари и Центарот за семејна медицина, а во рамки на одбележувањето на 29 Октомври, Светски ден на срцето.

Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот, рече дека без срце не можеме, но ниту без здраво срце можеме. Неопходно е, посочи таа, да се подигне свесноста за почести превентивни кардиоваскуларни прегледи и кардиоваскуларен скрининг и да се зајакне врската на пациентите со општите лекари и со лекарите по семејна медицина.

– Почестата комуникација од ваков вид ќе го намали стравот, а грижата за здравјето ја става во рутински животни активности со кои се помага да се спречат заболувањата наместо да се лекуваат. Целната група се работоспособни жени кои себеси се сметаат за здрави, немаат детектирани срцеви заболувања, но често пати ги занемаруваат знаците кои ги праќаат заболувањата кои се во најава. Свесноста за сопственото здравје не става рамо до рамо со развиениот свет, таму каде табу темите се сведени на минимум кога се работи за здравјето, рече Ѓоргиевска.

Да го чуваме здравјето, нагласи, не е само обична фраза, туку тоа е една од најзначајните активности во ова брзо време во кое мислиме на се повеќе отколку за здравјето. Таа упати апел да ги анимираме своите пријателки, блиски, сите оние кои ги познаваме и да ги вклучиме во акцијата за јакнење на свесноста за женското кардиоваксуларно здравје.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека една од специјалностите во која ќе треба да навлезат матичните лекари пред се преку областа на семејната медицина, се хроничните болести, срцевите заболувања и тие ќе бидат стимулирани да работат на нивно рано детектирање со цел навреме да се интервенира и согласно тоа да се постигнат добри резултати од лекувањето.

Директорот на Универзитетската клиника за кардиологија, Жан Зимбаков истакна дека 35.000 пациенти годишно се подложуваат на една од неинвазивните дијагностички процедури со единствен цел да се дојде во навремена и точна дијагноза.

Сепак, потенцира тој, останува фактот дека доминантно се бориме со болестите и нивните компликации и во таа борба согледуваме дека согласно глобалните трендови се соочуваме со тренд на пораст на кардиоваскуларните заболувања кај женската популација, меѓутоа и со тренд на пораст на појава на овие заболувања на помлада возраст кај женската популација.

– Една од три жени умира од кардиоваскуларни заболувања, една од 18 жени умира од мозочен удар. Од друга страна една од 31 жена умира од карцином на дојка, меѓутоа сепак свесноста за оваа патолошка состојба е далеку поголема. Факт е 90 отсто од жените имаат еден или повеќе ризик фактори за развивање на кардиоваскуларна болест. На годишно ниво повеќе жени споредено со мажи умираат од кардиоваксуларни заболувања, додаде д-р Зимбаков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e