За себе вели дека не е политичар, туку социјален работник. Според разговорот што го води, така и настапува – го нема речникот на политичар, оној дипломатскиот, формалниот, кога одговараат долго, за да кажат многу малку.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, е една од ретките жени што седнува на челното столче на Mинистерството, кое беше мошне затворено за јавноста. Со своите 33 години, таа е и една од најмладите жени – министерки во историјата на Македонија, но нејзиното искуство во делот на социјалните права и социјалната заштита започнува уште пред 13 години, па оттаму влева надеж дека како човек што ги знае работите на теренот, подобро ќе се соочи со предизвиците кои произлегуваат од овој сектор – децата на улица, социјалните случаи, ранливите категории граѓани, правата на работниците, синдикалните права, регулирањето на работните односи.
Царовска гарантира дека одлуките нема да се носат на политичка основа, бидејќи, како што вели, нема политичка кариера којашто може да ја изгуби, но има кредибилитет и интегритет кои нема да дозволи да ги погази
Во разговорот што го водевме, Царовска не настапуваше во улога на политичар. На моменти дури зборуваше во сегашно време за нејзината долгогодишна работа во невладината Х.Е.Р.А (Асоцијација за здравствена едукација и истражување), па потоа се исправаше.
„Точно, уште сум поврзана со Х.Е.Р.А. Многу ми беше тешко излегувањето оттаму. Кога дојдов во Министерството не можев да преболам дека морам да направам „cut“ (исечок) на еден дел од себе“.
Но, од позицијата министер таа се надева дека ќе може директно да одлучува за она за што претходно морала да тропа на многу врати за да може да избутка одреден проект или да најде решение за горливо прашање.
„Едно е кога гасиш пожар, друго е кога градиш систем“, се обидува Царовска да ја долови разликата од тоа како е кога работиш во невладин сектор, до тоа како е кога си на одговорна позиција во министерство.
Јас и администрацијата треба да бидеме слуги на граѓаните
Ручеци на министри нема да влегуваат како репрезентативни трошоци
Царовска најавува и уште една промена, која БИРН веќе ја отвори како проблем, а тоа се трошоците за репрезентативни услуги што ги користат министрите, нивните заменици, државните секретари и останатите службени лица кои на фактури и преку службени картички можат да плаќаат ресторански и угостителски услуги. БИРН веќе пишуваше дека токму во Министерството за труд и социјална политика од парите за репрезентација се купувало леб, јогурт, млеко, овошје. И покрај тоа што сумата за овие трошоци не беше висока, под сомнеж се стави начинот на кој се трошеле парите за репрезентација.
Новата министерка вели дека од Владата било побарано да се направи правилник кој точно ќе уредува што влегува во репрезентативни трошоци.
„Кога дојдов во Министерството, ми рекоа да ви дадеме картичка, јас реков дека не сакам. Ми рекоа имате лимит, а јас прашав за што е тој лимит, за што се троши. Ако е за делегација, ако е за средба со меѓународна заедница или нешто слично, во ред, тоа е за мене репрезентација. Но, мојот ручек не е репрезентација. Ако сите други граѓани можат да си купат ручек и со минимална плата, и министерот ќе си купи ручек со својата плата. И затоа побаравме на ниво на Влада да се направи правилник. Кога ќе се уреди, ќе биде многу појасно кој како ги троши парите и дали е нешто прекршено.“
Царовска изгледа мошне сигурна во себе, зборува полна со енергија и не користи политички туку директни термини за да долови колку одредени работи во нејзиниот ресор не работат како што треба. Вели дека во Министерството се вработени 329 лица, и веднаш додава „што ќе ми се мене толку луѓе?“
„Побарав од Министерството за информатичко општество и администрација да направи функционална анализа на вработените, колку луѓе ми се потребни овде. Не ми требаат сите, но им требаат на центрите, им требаат на установите. Тие повторно ќе примаат плата од Министерството, но ќе работат во интерес на граѓаните. Јас ако сакам центрите да работат во две смени, ќе мора да направам прераспределба. Нема да ги отпуштам, но ќе ги ставам на позиции да им служат на граѓаните. Администрацијата е слуга и јас сум слуга на граѓаните.“
Она што најмногу ја шокирало кога ја презела позицијата министер биле високите хонорари што ги примале вработените во Министерството, преку учества во разни комисии и работни групи (комисија за лиценцирање, комисија за посвојување, работни групи формирани по закон и слично). Членовите на тие комисии, освен што земале плата од Министерството, како хонорар земале уште една плата, бидејќи членувале во комисии во текот на работното време. Дел од нив, надвор од платата, заработувале хонорар кој достигнувал и до 50 илјади денари.
„Така и сфатив зошто им било слатко да работат во администрација. Отсекогаш сум се прашувала како може млад човек да сака да работи во администрација. Постојат толку многу можности за да се развиваш, преку слобода на мисла, слобода на говор, пред да влезеш во администрација, но видов дека многу луѓе го сакаат тоа и сфатив зошто – навистина имало привилегии“, вели таа и додава:
„Сега носам нов правилник околу плаќањето. Членовите на комисиите кои работат во текот на работното време, ќе земаат по 500 денари месечно, колку да имаат за кафе. Нема да дозволам нечии џебови да се полнат, а ништо да не функционира. Ако сѐ функционира, ако застанеме на нозе и направиме функционален систем, потоа ќе нема проблем, сè што ќе доаѓа како анализи, креирање на политики ќе се плаќа, бидејќи стандардот на општеството ќе се подигне. А сега, кога сме на дното, јас да исплаќам пари за ова, па тоа се пари фрлени во дупка, бидејќи општеството нема поврат од нив“.
Целиот текст прочитајте го тука