Бугарската национална телевизија објавува дека Македонија имала црна листа со бугарски државјани, на кои денеска им бил забранет влез во земјава.
На десетици Бугари не им било дозволено да влезат од македонските гранични власти на земјата, објави БНТ, повикувајќи се на потврда на веста од страна на фондацијата „Македонија“, чии членови биле меѓу лицата на кои им бил забранет.
Остра реакција имаше од страна на поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов. Тоа што на одредени лица им беше забрането да влезат во земјава поради безбедносна закана го оцени како неуспех за Бугарија во водењето надворешна политика.
„Тоа е недозволиво. Ова е неуспех во нашата надворешна политика, донесен од Кирил Петков и Асен Василев, кои ја лажеа јавноста како ќе летаме со авиони од Софија до Скопје, но ниеднаш не леташе. Личност (Гоце Делчев) која всушност може да биде мост до пријателството меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи на крајот на краиштата тој се бореше за слобода и го жртвуваше својот живот.“ изјави Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ.
БНТ тврди дека лицата покажале документи што им биле издадени од властите во Македонија, во кои се наведува дека тие биле закана за националната безбедност на земјата. БНТ објавува дека луѓето не добиле дополнителни објаснувања за одбивањето да бидат пуштени да влезат во земјава.