Инфраструктурните проекти што се реализираат со финансиска поддршка од Светска банка (СБ) беа тема на денешната средба на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски со делегација од Банката предводена од Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка за државава.
Министерот на средбата ги потенцираше проектите Зајакнување на транспортната трговија и Изградба и санација на локалните улици и патишта, како еден од клучните за развој на општините и подобрување на локалната економија.
Проектот е вреден 70 милиони евра. Во овој момент привршуваат работите на реконструкција на 62 улици низ општините со преку 60 километри. Министерството за транспорт и врски објави и трет јавен повик за реконструкција на 17 улици во девет општини.
– Разговорите беа во фокус на реализација на капитални проекти финансирани од банката. Имаме добар напредок во проекот за изградба и реконструкција на локалните улици и патишта и ова е еден многу значаен проект во Министерството со кој даваме силен инпут на општините. Зборувавме и за реализација на други капитални проекти и очекуваме банката и во следниот период да биде силен поддржувач на нашата држава во изградба и модернизација на целокупната инфраструктура, изјави министерот Бочварски по средбата.
На средбата се зборуваше и за проектот за реконструкција на граничните премини Деве Баир и Ќафасан.