Како што и премиерот Ковачевски и министерот Маричиќ кажаа на денешната прес-конференција, зацртаната динамика на пристапните преговори предвидува влез на нашата земја во ЕУ до 2030 година и ако земеме предвид дека имаме ниво на 45% подготвеност или усогласеност со системот на ЕУ, ова е реално, пишува на својот Фејсбук профил заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инветиции, Фатмир Битиќи.
-На денешната владина седница се изгласа концепт за преговарачката структура, согласно новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ и им посакувам успех, но многу повеќе вештини и посветеност на сите оние кои ќе работат на целиот процес. Влегуваме во етапа од развојот на нашата земја која што долгорочно ја одредува нашата смерница. Претпристапниот процес со ЕУ значи реформи дома. Важно е да знаеме дека не го правиме за никој друг, туку за себе. Со тоа на ум, така треба и да му пристапиме. Нека е среќно, знам дека следи успех, напиша Битиќи.