Единствениот пат кон побрзо економско заздравување во пост-КОВИД периодот е регионалниот пазар, земјите од Западен Балкан да станат важен дел од глобалните синџири на производство. Во таа насока, сите ние, како земји се обидуваме да работиме на креирање на конзистентни економски политики. Го подготвивме среднорочниот план за управување со јавен долг, среднорочниот план за забрзување на економскиот раст, а заедно со тоа го подготвивме и интервентниот план за инвестиции, рече денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи.
На панелот „Јавни и приватни инвестиции и конкурентност“ во рамки на конференцијата за економско пост-КОВИД закрепнување, Битиќи истакна дека сето ова заедно, треба да одговори на прашањата поврзани со јавниот долг, да се потигне нивото кое го имавме пред почетокот на КОВИД.
– Во исто време овозможуваме шанса на нашата економија да го достигне нивото на кое мислиме дека треба да биде: да се овозможи забрзан иодржлив економски раст, со кој значително ќе се подобри квалитетот на животот на нашите граѓани, истакна Битиќи.
Тој го елеборираше и Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, со кој се планира побрз и одржлив економски раст на земјава. Рече дека се однесува за период од седум години и е во ист временски период со плановите за поддршка на Европската комисија од 2021 до 2027 година. Со овој план се планираат инвестиции од 8,2 милијарди евра, од кои над 50 отсто се инвестиции од реалниот сектор.
-Ќе ги поддржуваме силно приватните инвестиции и ќе ги реализираме паралелно јавните инвестиции во главните области. Приватните инвестиции се фокусирани во производството, трговијата, туризмот, производството на храна, а да не го заборавиме и енергетскиот сектор, кој ќе биде еден од клучните во иднина за раст на БДП. Од друга страна, јавните инвестиции ќе бидат во инфраструктура, патишта и железница на прво место, но и инвестиции во здравство и во локална комунална инфраструктура. Со интервентниот план за инвестиции ќе делуваме на економскиот развој во пост ковид периодот и ќе се фокусираме на повеќе цели. Главна цел ќе ни биде да ја поттикнеме конкурентноста на локално ниво, за да бидеме конкурентни и атрактивни како дестинација, но не само како поединечна земја, туку на ниво на регион. На овој начин ќе влијаеме да ја подигнеме и конкурентноста на целиот регион, наместо да создаваме конкуренција помеѓу земјите од регионот, нагласи Битиќи.
Вицепремиерот зборуваше и за ефектите од донесените владини економски мерки против КОВИД.
-Сега, по спроведувањето на пакетите на мерки, економските индикатори се навистина позитивни. Подготвивме мерки кои се вкупна вредност од 1,1 милијарди евра или околу 11% од БДП, тоа се јавни средства кои се наменети за справување со последиците од коронакризата, а тоа резултираше да бидеме една од земјите со најмал пад на нивото на БДП, некаде околу 4,5 отсто на крајот на 2020 година. Според нашите проекции и анализи, доколку не ги спроведевме шесте пакета мерки, БДП би бил за 8,7 проценти понизок во однос на 2019 година и мислам дека тоа што го направивме е навистина значаен успех, рече Битиќи.
На панелот учествуваа и министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, потпретседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова, потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Јурген Ригтеринг, регионалниот директор на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа, Ари Наим, како и претставници од трите најголеми стопански комори.