Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отворањето на МЕФ Енергетскиот форум 2023 година, на кој денес и утре во Скопје, голем број на високи владини претставници од земјата и регионот, амбасадори, претставници од меѓународни организации и фондации. ќе дискутираат на темата „Подобрување на триаголникот ‘Политики – Финансиска – Енергетска технологија’ за енергетска отпорност и зелена транзиција“.
„За мене е голема чест што втора година по ред сум покровител на МЕФ Енергетскиот форум во организација на ЗИП институт и што ги имаме следните два дена да разговараме за предизвиците и можностите кои се пред нас, од областа на енергетиката. Ако земеме предвид дека секторот енергетика креира 10 – 15% од БДП во нашата економија, тогаш јасно е дека, изборите што ги правиме во енергетскиот сектор, денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и благосостојбата но и енергетската безбедност на идните генерации. Токму затоа, сметам дека Форумот ќе послужи како инклузивна платформа за дијалог, размена на знаења, но и за споделување иновативни пристапи, најнови достигнувања, трендови и стратегии за решавање на прашањата поврзани со енергетиката.
Зелената енергија, не нарушувајќи ја рамнотежата на нашиот комплексен еко систем, е клучна за зачувување на животната средина. Токму забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина, не водат кон итна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленички гасови, која треба да ја сметаме за императив и во креирањето и спроведувањето на политиките.
Велат, константа е само промената па така и енергетските трансформации се постојан процес, во моментов со забрзан чекор кон обновливи извори на енергија, но планирањето и подготовката за идните фази е она што гарантира одржливост и стабилност.
Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 GW (гигавати), што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија. Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање на нови зелени и високо продуктивни работни места, кои според проекциите за 2030 година велат дека во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони“, вели Битиќи.
