Нема сомнение дека Брегзит е стратегиска катастрофа за Европската унија. Но, се чини дека малкумина разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратешка катастрофа – овој пат на Балканот, оценува поранешниот шведски премиер и специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, Карл Билт, во колумна за „Вашингтон пост“.
– Минатата недела Франција стави вето на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, наспроти повторената позитивна препорака на Европската комисија и волјата на другите земји-членки. Со тоа може да се урне повеќедеценискиот стратешки пристап на ЕУ кон Балканот, предупредува Билт.Потсетува дека од завршувањето на балканските конфликти во деведестите, приоритет на ЕУ беше воспоставување долгорочна стабилност на овој проблематичен дел од континентот. Но, нагалсува Билт, да се стави крај на војните е една работа, но да се изгради вистински мир бара долгорочен напор, особено околу мирната интеграција.
Потсетува дека последиот обид за посуштински ремонт на ЕУ беше со таканаречениот Уставен договор, но тој беше урнат со референдумот во Франција во 2005 година. Никој оттогаш не се осмели повторно да ги заживее овие напори. А дали Париз е искрен за својата подготвеност да се отвори кон нови членки во иднина, отворено треба да биде ставено под сомнеж. Се плашам дека малкумина се подготвени да сметаат на тоа, наведува Билт.
Вели дека Франција можеби никогаш не била ентузијастички поддржувач на проширувањето на ЕУ, но генерално го прифати процесот и среќно живееше со резултатот.
– Сепак, Франција направи сè што можеше за да ги блокира перспективите за пристапувањето на Турција. Иако влијаеја и други фактори, ова играше улога во придвижувањето на Турција во друга насока. Додека Турција во минатото беше стратегиска можност за Европа, таа сега се претвори во стратегиска опасност за Западот. Гледајќи нанапред, ризикот е дека истото може да се случи на Балканот. И додека балканските земји ќе останат економски зависни од ЕУ, неизбежното забавување на потребните реформи и на евроинтеграцијата, веројатно ќе принуди уште повеќе млади луѓе од Балканот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Оние што остануваат може да бидат повеќе привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Лишени од иднина, тие можеби ќе бараат враќање во минатото. И на крајот на краиштата, тоа е Балканот. Видовме дека тоа се има случено и претходно, вели Карл Билт, во колумнаta за „Вашингтон пост“.