Повлекувањето на српските дипломати и агресивниот тон на српските медиуми кон македонската Влада е изненадувачки, иако настапот на Владата и на таблоидите со месеци беше агресивно насочен против новата македонска Влада, оценува во изјава за МИА, Флориан Бибер, експерт за Балканот и професор на Универзитетот во Грац, Австрија.
– Овој потег навестува дека Србија не е многу заинтересирана да има добри дипломатски односи со своите соседи и покажува колку се празни нејзините тврдења дека има про-европска, реформска Влада. Српската Влада се плаши од новиот „македонски модел“ и се поврза со претходната македонска Влада. Со овие чекори, за жал, Србија не се однесува како регионален лидер во реформите, како што сака да се претстави, туку како бик во продавница за порцелан, вели Бибер, коментирајќи го потегот на Белград за повлекување на персоналот од Амбасадата од Скопје.