Безбедностa на новинарите е прв предуслов за вршење на оваа професија

Нападите врз медиумските работници (новинари, сниматели, фоторепортери) се чести и во разни облици. Во изминатите пет години се регистрирани 50-ина напади, но ни во 10 отсто не завршиле со санкционирање на сторителите. Најдрастичен пример е упадот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 – случај за кој нема ниту едно гонето лице за напад врз новинарите што таа вечер таму беа на работна задача.

Новинарите се препуштени правдата да ја бараат сами и со приватни тужби против напаѓачите, со што слободата на говор се заменува со автоцензура, а новинарската професија станува помалку атрактивна. Цел на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е да се измени Кривичниот законик во кој ќе биде регулирана заштитата на новинарите. Затоа што безбедностa на новинарите е прв предуслов за вршење на оваа професија и клучна за постоење професионални и независни медиуми и за остварување на правото на слобода на изразување.

-Насилството, вознемирувањето и заплашувањето на новинари е напад врз демократијата. За жал, нападите врз новинарите во Македонија се чести. Во последните пет години имаше физички напади, вербални напади, кршење опрема, уништување личен имот на новинарите и на медиумите, сајбер-напади. Не секогаш насилници ги напаѓаа новинарите. Имавме случаи во кои припадници на полицијата и специјалните единици се јавуваа како напаѓачи. Главен проблем беше и остана до денес високиот степен на неказнивост на насилствата врз новинарите, истакна  Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Рече дека годинава трендот е попозитивен, но во пресрет на изборите и тензичната атмосфера што нив ги следи, повика политичарите да ги водат битките преку дебата, а не со улични напади врз новинарите и критичката јавност.

ЗНМ денеска промовираше две публикации – „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април 2017 година“ од новинарите Душица Мрѓа, Енис Муртези и Христина Беловска и „Хроника за (не)безбедност на новинарите“ на новинарот Зоран Иванов и адвокатот Игор Марковски.

Промоторите нагласија дека со изданијата испраќаат порака дека тие напади нема никогаш да се заборават, кога веќе немаат правен епилог, како што е случајот со 27 април кој ќе застари за четири месеци.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e