За полесно да стигнат до правда, најранливите граѓани во државата ќе мора да чекаат до есен. Тогаш се очекува да биде донесен новиот Закон за бесплатна правна помош. По јавната расправа, наместо пред пратениците, Министерството за правда го врати текстот на доработка.
Невладините организации поради кој опстана концептот на Бесплатна правна помош во државата имаа бројни забелешки.
„Законот имаше други недостатоци кои се однесуваат кои се однесуваат на начинот како ќе биде, како ќе се овозможува претходна правна помош, како ќе се овозможува секундарна правна помош од адвокатите, како тоа ќе се финансира, како ќе се одвиваат постапките коишто се итни, роковите на одлучување да бидат многу пократки“, вели Благица Киров – Здружение на граѓани ЕХО.
Постојниот Закон за бесплатна правна помош почна да се применува пред осум години. Но одредбите се рестриктивни и реално на помош може да се надеваат одвај 18.000 граѓани. Од Здруженијата бараат и поголема промоција од страна на државата бидејќи истражувањата покажале дека 70 % од оние на кои се однесува не ни знаат дека ваков Закон постои.
„Над 180 случаи годишно бараат помош во нашето здружение, минатата година имавме донесено 11 барања за бесплатна правна помош, повеќето беа одобрени, за оние коишто не се одобрени, овозможуваме поведување на управни спорови против решенијата на Министерството за правда“, изјави Киров.
Овластените здруженија за бесплатна правна помош, освен во Штип, функционираат во Струмица, Битола, Куманово и Скопје, од почеток до крај ги мониторираат судските процеси. Најмногу се бараат правни совети за имотно правни односи и заштита на децата, а во најголем број случаи тоа се жртви на семејно насилство.
Извор: 24ТВ