Баџанакот на Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Стевчо Јолакоски кој е вработен во Министерството за транспорт и врски е предложен за доцент на Факултетот за безбедност, иако на истиот конкурс биле пријавени други двајца кандидати со висок просек во полициските науки, а едниот бил избран и за најдобар студент на генерација кој магистрирал и тука и во странство, пишува Слободен печат.
Јолакоски нема никакво искуство во полициските и криминалистичките науки, освен што докторирал на Факултетот за безбедност.
-Имајќи ги предвид сите наведени активности, стекнатото искуство, досегашната посветеност на научно-истражувачката и стручно апликативната работа, комисијата цени дека д-р Стевчо Јолакоски поседува научни и стручни квалитети и ги исполнува сите услови да биде избран во наставно-научното звање „Доцент во научната област полициски науки“, пишува во препораката на Комисијата.
Иако еден од кандидатите поднесе приговор на рецензентскиот реферат со кој се предлага Јолакоски да биде избран, сепак сите наводи во приговорот се одбиени како неосновани.
Научно-наставниот совет за денеска имаше закажано седница, на која прва точка на дневен ред беше разгледување на приговор и одговор за избор на доцент во оваа област, но до затворањето на весникот не добивме одговор дали Јолакоски е избран за доцент.
И двајцата други кандидати кои се пријавиле на истиот конкурс во август оваа година имаат завршено на Факултетот за безбедност со висок просек и целото образование и работно искуство им е во областа на полициските науки.
Според биографијата што ја доставил Јолакоски, тој пак има завршено правни студии на Правниот факултет во Скопје со просечен успех 8.02, магистрирал на истиот факултет во насоката Граѓанско право со просек 8.10, го одбранил магистерскиот труд на тема „Договор за закуп со откуп“, а докторирал во 2014 година на Факултетот за безбедност на тема: „Значењето на средствата за смирување на сообраќајот во насока на подобрување на секундарната патна мрежа (безбедносно – практичен и економски аспект)“.
Јолакоски работи во Министерството за транспорт
Прво стажирал како приправник во Основниот суд Скопје 2, а потоа како стручен соработник кај адвокат во Скопје. Од 2006 години е во Министерството за транспорт и врски на повеќе позиции. Бил раководител на секторот за патен сообраќај и инфраструктура во министерството за транспорт и врски, од 2015 година е државен советник за патен сообраќај во ова министерство, а сега е кабинетски службеник за следење на проекти во министерството за транспорт. Јолакоски нема искуство во наставно-образовната дејност, а од 2024 со решенија од министерот за транспорт и врски и од владата ангажиран е во повеќе тела и комисии.
– Од јули 2024 година со решение од министерот за транспорт член е на Комисија за селекција на кандидати за ангажирање на консултанти во Проектната единица за имплементација на проекти од Светка банка, консултант – експерт за сообраќај. Со Решение на Владата на Република Северна Македонија во јули 2024 година, именуван е за повереник на Владата за Предлогот на закон за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај. Со Решение на Владата на Република Северна Македонија во јули 2024 година, именуван е за повереник на Владата за Предлогот на закон за изменување на Законот за превоз во патниот сообраќај. Во август 2024 година со решение од министерот за транспорт e номиниран за член на Управувачкиот комитет за ГРАНТ договор IPA, грант договор за реновирање и унапредување на граничните премини со Република Бугарија согласно ЕУ стандардите. Во август 2024 година со решение од министерот за транспорт e номиниран за член на Советодавното тело за превоз на патници во рамките на Асоцијацијата на Здруженијата на работодавачите на трговски друштва за превоз на патници на Република Македонија Исток, се вели во дел од неговата биографија објавена на веб страницата на Факултетот за безбедност.
Во приговорот што го поднел еден од кандидатите се оспорува рецензентскиот реферат кој го предлага кандидатот Стевчо Јолакоски за избор во звањето доцент.
-Сметам дека постојат сериозни пропусти и недостатоци во однос на неговото образование професионално искуство и релевантност, како и неправилности во начинот на кој е оценет. Недоволна релевантност на образованието и стручноста на кандидатот. Тој го завршил првиот циклус на студии на правниот факултет со просек 8,02 кој го задоволува законскиот минимум за избор на доцент на самата граница, како и втор циклус на истиот факултет во областа на граѓанското право со просек 8,10 на тема „Договор за закуп со откуп“ која апсолутна нема никаква поврзаност со полициските науки. На крај одбранил докторска дисертација на Факултетот за безбедност според старата програма без полагање на испити. Од неговите академски квалификации се гледа дека кандидатот Стевчо Јолаковски никогаш директно не дошол во допир со научната област полициски науки, бидејќи на ниту еден од трите циклуси на високото образование не следел, ниту полагал академски предмети кои се поврзани со областа во која треба да се избере, се вели во дел од приговорот.
Одбиен најдобар студент
Во приговорот се оспоруваат и бројот на научни и стручни трудови, па како што пишува во него, Јолакоски има наведено дека во последните шест години има објавено шест научни трудови, а тој се јавува како автор само на два од нив, а во останатите тој се јавува како коавтор.
Кандидатот му предочува на Наставно научниот совет на Факултетот дека изборот Стевчо Јолакоски за доцент на Факултетот за безбедност Скопје, ќе биде победа на незнаењето и просечноста над знаењето односно „ставање на пиедестал просек од 8,02 и 8,1 наспротив најдобар студент на генерација на матичниот факултет.
-Што покажуваме на идните студенти со тој избор? Покажуваме дека не е битно да учат да се трудат, да знаат повеќе, се додека имаат како што вели самата комисија „контакт со надлежните министерва, Владата и Собранието. Не дозволувајте дополнителен одлив на мозоци и задржете го квалитетот, пишува во приговорот.
Инаку, вториот кандидат завршил на Факултетот за безбедност со просек 9,85 и станал дипломиран криминалист, како најдобар студент на генерација. Вториот циклус на студии на истиот факултет ги завршил со успех 9,57 и станал магистер на науки од областа на криминалистиката и криминологијата. Студиите ги завршил со просечен успех 10 и станал доктор на науки од областа на безбедноста.
-Во периодот 2021-2022 година студирал Магистерски студии на Институтот за глобални студии во Женева, Швајцарија и на 09.05.2022 година го одбранил магистерскиот труд на тема ,,Меката моќ на Турција: поглед на Балканот“ и се стекнал
со титула Магистер по напредни студии во областа на меѓународната безбедност, се вели во неговата биографија, а потоа цело време работи во институции поврзани со полиција и безбедност. Има објавено 20 трудови, а во последните пет години објави осум научни и стручни трудови.
Третата кандидатка дипломирала на Факултетот за безбедност со просечен успех од 9.75, магистерски студии завршила на Факултетот за безбедност на ФОН со просек 9,88, а докторирала на Факултетот за безбедност во Скопје, а била и доцент на Факултетот за детективи и криминалистика во состав на Европски универзитет. Таа има објавено 23 научни трудови од кои осум се во последните пет години.
Јолакоски освен што е вработен во Министерството за транспорт и врски, каде претходно работеше и Тошковски, е член и на Надзорниот одбор на Стопанска банка Битола.