Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој Николче Бабовски, појасни дека платежните картички имаат определена висина на средства која зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година.
„И најмалите земјоделци односно и оние кои имаат 0,2 хектари земја нема да останат без субвенционирана нафта. Најнискиот износ е 500 денари кој што ќе биде на една картичка, а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100.000 денари. Се со цел да на овој начин да се поттикнат сите оние кои што сакаат да го окрупнат своето производство“, изјави Бабовски.
Земјоделците ќе можат да купуваат исклучиво „Еуродизел“ гориво за земјоделска механизација единствено само на бензиските пумпи кои што се кај избраниот оператор, а картичката ќе можат да ја користат повеќекратно се до исцрпување на нејзината вредност.
Преку оваа мерка МЗШВ ќе придонесе за значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. На овој начин враќаме 200 милиони денари назад кај земјоделците.
Се очекува дека при крај на годинешната жетва и почетокот на есенската сеидба, земјоделците ќе можат да ја користат мерката за поевтино гориво за механизацијата.