Ристова – Астеруд за органодонорството: Јас сум фасцинирана од тој исчекор во медицината

Денеска по повод светскиот ден на органодонорство Министерството за здравство организира стручна дебата на тема „Трансплантација“, на која ќе присуствуваат еминентни личности вклучени во трансплантацијата во земјава.

Дарувањето органи кај нас сеуште е еден вид табу тема иако надлежните порачуваат дека ќе ја јакнат свеста за подигнување на свеста за оваа чувствителна тема.

Пред неколку дена професорката од Правен факултет Каролина Ристова-Астеруд како голема поддржувачка на органодонорството се приклучи на Интернационалниот Регистар на донори на органи NHS Organ Donation порачувајки дека е подготвена да донира органи и ткива, ако дојде до тоа, таму, тука, преку барата, каде и да е… 

„Да, јас сум фасцинирана од тој исчекор во медицината, како и голема поддржувачка на органодонаторството во случај на смрт, изненадна, па и “ најавена “, нели , во случај на терминална болест. Што и да верувате за човечкиот живот по смртта, за животот на душата, телесната форма која ја имате, нема да ви треба. За мене убава е помислата дека по нашето заминување, дел од нашиот телесен живот може да продолжи да живее преку некому кому сте му спасиле живот, нешто како вашето последно добро дело на овој свет, каков ваш последен дар за убавината и среќата на тоа што значи Живот.“ – вели Ристова-Астеруд за ИПортал. 

Таа појаснува дека нема дилема кога органите се соодветни за дарување и дека таа согласност е во служба на себе си бидејки влева надеж. 

„Самиот тој факт, таа помисла дека сум дала таква согласност, ми креира мир, спокој, среќа, па на некој начин е дури и во служба на себеси, не само на некој друг. Како и за крводарителството, понекогаш мислам дека дел е можеби и мое лично суеверие, некој вид штит да не ни де случи нам или нашите најмили нешто страшно, а и ако се случи, дека не е се така безнадежно , дека како што јас сум дала согласност, некој друг дал, и тоа може во некој космички ред на нештата да биде пресудно за позитивна разрешница. Затоа, немам никакви дилеми , кога органите ни се соодветни за дарување, тоа и да се случи.“ – вели професорката. 

Таа е поборник за прашањето за органодонаторство кои имаат медицински, правни и етички аспекти да бидат многу поприсутни во нашата јавна дебата, во нашиот општествен живот , во нашата политика . 

„Мој впечаток е дека ние имаме многу “ чуден “ однос кон смртта во низа нејзини аспекти, па и во однос на овој. Органодонаторството треба да се промовира со максимална чувствителност кон вредносните стојалишта на луѓето, со такт , без емотивни и морални осуди или уцени во било кој правец, без попување, но со постојано стимулирање на луѓето да размислуваат на темата и да одлучуваат за себеси . Стории за успешно органодонаторство и спасени животи се еден од најинспиративните начини за таа цел.“ – завршува Ристова- Астеруд.

Нашто министерството за здравство е во финална фаза на изработка на Националната листа за трансплантации на бубрези и до крајот на октомври на листата ќе има повеќе од 150 хла типизирани пациенти на дијализа кои имаат потреба од бубрег. Истата е изработена по примерот на Еуротрансплант и прва ваква во нашата држава.

Здравство веќе склучи договори за соработка со болници од Израел и Турција, а во преговори е и соработка со центри во Словенија, Хрватска и Австрија, како и потпишување на договор со Еуротрансплант кој ќе овозможи размена на органи со нам блиски земји членки на Еуротрансплант.

Годинава, покрај трансплантациите од жив донор, направени се и 4 кадаверични трансплантации и 8 пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрегот од починат донор. Планирано е оваа бројка двојно да се зголеми во 2020 година.

Паралелно, со трансплантацијата на бубрег, се прават подготовки и за трансплантација на срце и црн дроб. Тим на експерти кардиохирурзи, кардиолози и интернисти се во координација и веќе се работи на изработка и на Нацонална листа за трансплантација на срце, а паралелно со тоа и на финиширање на подготовките за практична реализација на трансплантацијата. Целта е идната година да се направи и трансплантација на црн дроб во земјава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e