Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно упати жестоки критики за дивоградбите во скопската општина Чаир, овојпат преку статус на својот „Фејсбук“ профил. Таа директно го прозва градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Вики, нели во Чаир немало темели за 50 нови дивоградби? Ајде брои ги, да видиш колку брзо ќе стигнеме до 50“, напиша Арсовска, алудирајќи на тековното градење без дозволи.
Во истиот статус таа апелираше до граѓаните да ги исполнуваат своите обврски: „Плаќајте сите даноци и скенирајте фискални. Сите вие ќе ги видите новите 50 небезбедни дивоградби што СЕ ГРАДАТ СЕГА, само Висар Ганиу, МВР и Јавното обвинителство НЕ ГИ ГЛЕДААТ.“
Арсовска и претходно алармираше за урбанистичкиот хаос во неколку општини, но овојпат конкретно ја посочува Чаир како жариште на тековна бесправна градба, со импликации за безбедноста и владеењето на правото. Од институциите засега нема официјална реакција на овие тврдења.