Арсовска му смести конфликт на интереси, советник од Чаир именувала за секретар на Град Скопје

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го именувала Ѓоко Велковски, од ВМРО ДПМНЕ, советник во општина Чаир, кандидат за пратеник и партиски донатор, за секретар на Град Скопје. Во случајот постои конфликт на интереси, што е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, каде се тврди дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции. Но, законските одредби немале значење за Арсовска и таа, како „независна“, си поставила целосно партиска личност за секретар.

Веста ја објави Фокус и посочи дека за овој случај веќе е поднесена претставка до Антикорупциската комисија, а од ДКСК им потвтрдиле дека постапката за овој случај е во тек. Документите покажуваат дека Велковски како секретар на Град Скопје зема плата од 50.000 денари, додека како советник во Чаир 18.000 денари. Во финансиските извештаи може да се забележи дека тој донирал 50.000 денари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, но затоа пак уште 108.000 денари донирал за последните локални избори, поточно за кампањата на Арсовска како независен градоначалник на Скопје. Дали Арсовска имала обврска да му се раздолжи на овој начин или пак наредбата за неговиот избор за секретар стигнала од ВМРО ДПМНЕ?

Фокус пренесува дека тој во својот анкетен лист објавен на официјалната страница на Антикорупциска комисија, има наведено дека како личен имот поседува два автомобили „Ауди“ и „Цитроен Ксара“, како и кредит. Тоа е единствено што може да се види за неговата имотна состојба, но сепак никаде нема наведено дали тој или неговото најблиско семејство поседуваат куќа или стан – всушност каде живеат?

И додека Антикорупциска води постапка за овој случај, Арсовска не чувствува потреба да им одговори на граѓаните зошто не го почитувала законот кога именувала секретар и зошто изборот паднал на целосно партиска личност кога таа самата постојано нагласуваше дека е независна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e