Тројцата судии од Апелација, претседателката Лилјана Ивановска Шопова, Сафет Кадрии и Цветанка Периќ и денеска ги разгледуваат жалбите на поранешниот премиер Груевски и неговите соработници Јанакиески, Јанкулоска, Божиновски и Протуѓер. Тие се жалат дека одземањето на пасошите е престогра мерка, и си бараат назад. Додека пак СЈО и натаму останува на барањето за притвор. Од Апелација велат дека станува збор за обемен материјал и советот и денеска ќе работи. Дали ќе има одлука не можат да кажат.
Јавувањето во Кривичен за Груевски претставува политичка деградација и СЈО води хајка против него. Единствен сведок, тврди тој во обвинението на СЈО бил Зоран Заев неговиот најголем политички опонент. Груевски немал намера да бега, како што тврди СЈО, туку да се врати на власт.
Не планираат да бегаат ниту Јанкулоска, Јанакиески и Божиновски. За поранешната министерка за полиција обвиненијата на СЈО се остварување на политичката агенда на СДСМ, додека за поранешниот генерален секретар на владата Божиновски „Титаник“ е празен предмет. Сите велат дека одвај чекаат да започне судската постапка за да докажат дека се невини. Во Апелација не се појави само поранешниот шеф на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер. Бил на лекување, но преку своите адвокати и тој си ја побара патната исправа.
Непримањето на покани, политичката моќ и влијание, врските со странство и големата имотна состојба на обвинетите за обвинителите на СЈО претставува основа зошто и понатаму инсистираат да биде определена најстрогата мерка.
За останатите обвинети во „Титаник“ чии жалби беа разгледувани во четвртокот, Апелација денеска ги објави одлуките. Мунир Пепиќ, Киро Тодоровски вработени во Агенцијата за разузнавање, а обвинети дека посредувале за личните карти од Пустец остануваат без пасошите и мораат редовно да се јавуваат во Судот. Истата мерка останува за уште петмина обвинети.
„Титаник“ е еден од најобемните предмети на СЈО. Како што вчера беше истакнато, испишан е на повеќе од 26 илјади страници и во него има искази од повеќе од 200 сведоци.