Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, оградувајќи се дека зборува во лично име за викенд и во неработен ден, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Комисијата најверојатно ќе ги испита сомневањата во јавноста за сопственоста на становите во кулите на турската копанија „Џевахир холдинг“ во Аеродром, што ги одбра поранешниот претседател Ѓорге Иванов за доживотни канцеларии за неговиот кабинет. Прашањето што се постави во јавноста е дали двата стана во кулите за кои државата ќе плаќа кирија како канцеларии на Иванов се негова или сопственост на близок член на семејството.
„Јас, во име на Државната комисија за спречување корупција, денеска за ова што ме прашувате не можам да зборувам, но во мое лично име можам да ви кажам дека Комисијата од понеделник, по допрен глас, ќе ги стави на маса и овие сомневања околу сопственоста на становите во ‘Џевахир’. Ако е потребно, ќе отвориме предмет за да утврдиме кому точно државата ќе ја плаќа киријата, за да се отстранат или потврдат тие шпекулации за наводно плаќање закуп на Иванов самиот на себе, односно дека становите наводно биле негови или на близок член на семејството. Тоа ќе се расчисти. Но ви повторувам, неработен ден е, ќе се знае точно од понеделник’, вели претседателката Ивановска.