Градежниот факултет е една од клучните образовни институции што практично влијаат врз целокупното градежништво во државата кое, пак, е еден од столбовите на економскиот развој на државата. Доколку сакаме здрава економија, мора да имаме добри едуцирани кадри во оваа област, истакна денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на Градежниот факултет во Скопје. Тој посочи дека денес тешко може да се најде солиден градежен инженер, а притоа да не биде добро платен.
„Го знам тоа од соработката со сите градежни компании. Мислам дека особено на градежните инженери платите рапидно растат што е само еден од условите за тие млади луѓе да бараат иднина во нашата држава. Се разбира, треба да имаат и подобар амбиент, стабилна држава, добар здравствен систем, за да не заминуваат од тука“, рече Анѓушев.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна дека со Градежниот факултет имаат одлична соработка.
„Градежништвото е една од областите со значителен удел во БДП и опфаќа голем број на работници. Нашите очекувања се дека и во 2020 година, со уште поголема динамика, ќе имаме прогрес во сериозни активности во делот на патната и железничката инфраструктура и во делот на гасификацијата“, рече Сугаревски.
Деканот на Градежен факултет, Златко Србиноски истакна дека како граѓанин на нашата држава стравува од општиот одлив на мозоци, но од друга страна е горд што на стручните лица од Градежен факултет кои заминуваат во странство, им се признаваат дипломите.