“Ќе има четири различни влезови на новиот паркинг на Клинички, односно за онколошки пациенти влезот ќе биде бесплатен, за пациенти со упат влезот ќе биде евтин, не знам колку е сега за да компарирам, за вработени ќе има трета цена и за граѓани кои доаѓаат поради икс причини ќе биде трета цена која што ќе биде најскапа.” Ценовникот на паркирањето нема да биде униформен за сите корисници, почнувајќи од бесплатни места, па сѐ до повисоки цени за граѓаните кои не се пациенти, изјави денеска министерот за здравство, Азир Алиу, по презентацијата на новиот модул за електронска евиденција на здравствените прегледи во областа на медицината на трудот.
На прашање од новинарите поврзано со изградбата на новиот паркинг простор во Клиничкиот центар, министерот информираше дека наредната седмица ќе објави подетални информации на прес-конференција. Сепак, како што нагласи, во моментот може да потврди дека договорот ќе биде склучен со Јавното претпријатие Градски паркинг, кое и досега управуваше со паркингот на Клинички.
“Очекуваме во текот на денот да се потпише договорот помеѓу Министерство за здравство и ЈП Градски паркинг.” Дополнително, ќе бидат отворени и дополнителни влезови, вклучувајќи и еден на Кардиологија, со цел пациентите кои имаат потреба од интервенции во таа клиника да имаат директен пристап.
“Излезите ќе бидат исти, бројот на паркинг места ќе биде дупло поголем од сега, поради оптимизацијата на просторот.” Според Алиу, за сега не се планира изградба на нови објекти, бидејќи се смета дека со оптимизацијата на просторот бројот на паркинг места ќе биде повеќе од доволен.
Одговарајќи на прашањето зошто договорот се склучува со истото претпријатие кое претходно го менаџираше паркингот, односно ЈП Градски паркинг, тој објасни: “мојот пристап како министер е да се работи со институции кои што имаат експертиза во областите.”
“Ние како институција внатре ја имаме институцијата за општи работи која што досега за жал нема таква експертиза и не сакаме да експериментираме со паркингот, а на ЈП Градски паркинг тоа им е бизнис и секојдневна работа, затоа цениме дека со нив би се контролирало подобро.” Тој додаде дека досегашниот проблем не бил во работата на ЈП Градски паркинг, туку во начинот на управување со паркингот. “Знаете дека ниту ЈП Градски паркинг, ниту Министерството за здравство немаа некој процес за следење на активностите на паркингот.”
Сега, како што најави, ќе се дефинира нов начин на плаќање и креирање извештаи во реално време, односно ќе се воспостави 24-часовен мониторинг на целиот простор, како и камери за следење на возилата. “За цената се уште не е разговарано, ќе треба да има промени во цената”, заклучи Алиу.
Во врска со начинот на кој ќе се зголеми бројот на паркинг места, министерот истакна дека постои многу неискористен простор кој ќе биде искористен. Доколку оптимизацијата не ги даде посакуваните резултати, ќе се размислува за изградба на катна гаража.
“Знаете дека имаме позади Клинички простор којшто буквално не е достапен ни за пешаци, ниту за автомобили, едноставно тој ќе биде оптимизиран.” Тој додаде дека неколку архитекти работеле на планот и според нив, ќе се добие двојно повеќе паркинг простор од сегашниот. “Доколку имаме потреба и резултатите покажуваат дека и со ваков тип на паркинг места и со оптимизација на тие слободни паркинг места, нема да бидат доволни, ќе одиме со третата фаза, монтирање на катна гаража внатре.” Сепак, тој изрази уверување дека тоа нема да биде потребно: “Јас и работната група сме многу сигурни дека нема да има потреба од тоа”, заврши Алиу.