Пратеникот од редовите на Алтернатива, Африм Гаши со 76 гласа За беше избран за нов претседател на Собранието.
Гаши свечената заклетва ја даде прво на албански јазик, а дури потоа на македонски јазик.
Претходно во расправата за предлогот Гаши да биде избран за претседател на Собранието, збор земаа само пратениците од политичката партија Левица.
Собранието во рамки на конститутивната седница со 101 глас „за“ од вкупно 117 присутни го усвои извештајот на Верификационата комисија и со тоа ги верифицира мандатите на 118 пратеници. Со тоа им престана мандатот на пратениците од стариот собраниски состав. На новите пратеници кои се носители на други функции исто така им престана функцијата. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата којашто ќе ги извршува само техничките функции до изборот на новиот владин кабинет.
Претседателката на Верификационата комисија Дафина Стојановска рече дека Комисијата ги разгледала извештаите на Државната изборна комисија за изборите и дополнителните избори во изборните единици 5 и 6 и изјавата на Биљал Касами во која тој бара да не му се верифицира неговиот мандат и дека врз основа на тоа за пратеници се избрани вкупно 118.
Додедека Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА која е дел од оваа коалиција и тетовски градоначалник, се откажа од пратеничкиот мандат и побара тој да не му биде верификуван на денешната седница, градоначалникот на Општина Сарај и актуелен организациски секретар на ДУИ, Блерим Беџети, соопшти дека градоначалничката фотелја ќе ја замени за пратеничка во Собранието. Тој на социјалната мрежа Фејсбук објави статус во кој вели дека отсега ќе делува како пратеник во Собранието.
Талат Џафери, кој ја извршува функцијата премиер во техничката Влада, рече дека не може да има две функции во исто време и дека од таа причина нема да учествува во работата на Собранието до изборот на новата влада.
