Никола Додевски со години бил најплатениот адвокат од државните институции. Тој не само што во суд ги бранеше ВМРО-ДПМНЕ и лично поранешниот премиер Никола Груевски, туку бил и на платниот список на повеќе државни компании. Најголем ќар имал од Ј.П. Водовод и канализација – Скопје, односно за три години (2016, 2017 и 2018 година) му се исплатени вкупно 272.876 евра, пренесува Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ).
Додевски бил водечкиот адвокат според исплатените суми и на државните фирми ЕЛЕМ и МЕПСО. Од ЕЛЕМ му се искеширани 158.000 евра за период од 6 години, а од МЕПСО за четири години наплатил 47.000 евра за адвокатски услуги, говорат податоците на ИРЛ добиени според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.