4 екс функционери ќе одговараат за обидите за убиство на „27 април“

Четворица екс функционери наскоро ќе седнат на обвинителна клупа за упадот во Собранието на 27 април 2017 година кога беше загрозен уставниот поредок и пред се безбедноста на сите присутни внатре во Законодавниот дом.
Судската власт позитивно го оцени и во целост го одбори обвинителниот акт против екс спикерот на Собранието Трајко Вељановски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс министерот за образование Спиро Ристовски и некогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

„Jа информираме јавноста дека советот за оценка на обвинителен акт надлежен да постапува по обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 – та година во Собранието на РМ, по одржана јавна седница како и ценење на фактите и доказите во истиот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост. По веќе оценетиот обвинителен акт, формиран е кривично – правен предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен кај судија на понатамошно постапување за што странките и јавноста ќе бидат дополнително информирани“, соопштија од Основниот кривичен суд Скопје.
Според обвинителството, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

Од СДСМ вчера излегоа со прашање – Дали со оваа одлука на Кривичниот суд се потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад упадот во Собранието потенцирајќи дека на овој црн датум беше извршен обид за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието
„За да ја спречат промената на власта и за да ги заштитат криминалците во своите редови, ВМРО-ДПМНЕ огранизираше упад со кој беше нападнат уставниот поредок, но и беше извршен обид за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. 27 април е вистинското лице на режимот, вистинското лице на насилничката криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ , кое што продолжува и во лицето и делото на Христијан Мицковски.Христијан Мицкоски не само што не се огради од насилниците, туку тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ до ден денес ги поддржуваат насилниците.“ – стои во соопштението од СДСМ.
Од оваа партија потсетуваат дека 27 април е најцрниот датум во историјата на нашата демократија и одговорност за тој случај мора да има.
„Низ отворена, законска судска постапка мора да бидат санкционирани сите кои го организирале, нарачале и спровеле насилството од 27 април. Со продолжување на политиките на Груевски, Мицкоски покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ се уште е присутна насилничката, режимска матрица и дека освен насилство, освен одбрана на криминалот, ВМРО-ДПМНЕ не нуди ништо друго.“ – велат од СДСМ.
Судскиот процес нема да ги опфати поранешниот премиер Никола Груевски и разузнавачот Никола Бошкоски кои беа дел од истрагата за насилствата во собранието бидејќи тие се во бегство.
За „крвавиот четврток“ осудени се 17 лица на вкупно 200 години затвор, а амнестирани се 15 лица, меѓу кои и пратениците кои овозможија насилниците да влезат во Собранието, отворајќи ги вратите. Но, добија амнестија.

Нападот во Собранието се случи додека актуелното владејачко мнозинство го избра Талат Џафери за нов претседател на Собранието. Неколку недели претходно, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ поттикнати од говорот на омраза на Никола Груевски – претседателот на партијата, протестираа пред Законодавниот дом, за да искажат незадоволство поради формирањето на новата владина коалиција.
Нападите беа против пратениците од СДСМ, при што лидерот Зоран Заев заврши со раскрвавено чело, а пратениците Максим Димитриески и Дамјан Манчевски имаа видливи повреди на главата.
Најтешко повреден беше пратеникот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој имаше отоци на мозокот од повредите и ударите што ги доби од демонстрантите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e