Директорите на ЈСП Турс, Филип Василевски и на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје, Воислав Димитровски, денеска дадоа оставки од функциите, поради, како што велат, немањето координација со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Директорот на ЈСП Турс посочува дека немале поддршка од Градот, но дека сепак успеале за период од шест месеци неколкукратно да ги зголемат приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедат линеарно зголемување на платите за сите вработени.
– Но тоа не е доволно кога ЈСП Турс ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со Генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која не обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од градот кој се повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси затоа си давам оставка од директор на ЈСП Турс, од каде си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам, вели Василевски.
Директорот на „Лајка“ потенцира дека во изминатиот период претпријатието поради тоа што немало финансиски средства за основно функционирање, правело акции за донации со цел да не се прекине воспоставеното темпо на работа за реализација на програмата и спроведување на хуман третман кај животните.
– Во ваква тешка финансиска состојба без реална поддршка од страна на Град Скопје, како ВД директор на ЈП Лајка заедно со тимот од ЈП Лајка и со несебична поддршка од страна на здруженијата и активистите успеавме да го зголемиме капацитетот на третирани кучиња со хуман третман за околу 40%, вдомувањата на кучиња се зголеми за 300%, според податок од МВР на ниво на Град Скопје има намалување на инциденти предизвикани од куче за 20%. Подобрувањето на функционирањето на претпријатието се гледа и во бројот на вдомени кучиња во месец август 2022 година кој изнесува 40 вдомени кучиња во споредба со месец август 2021 година од 0 вдомени кучиња, вели Димитровски.
Претходно оставки дадоа и директорите на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов „Градски паркинг“ – Скопје, Бојан Христовски и ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски откако беше разрешен в.д. директорот ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, Златко Перински.